Фото: Маја Јаневска Илиева

Во пресрет на Новата година, по текстовите: „J’accuse!“ („Обвинувам!“) од 10.12.2021 г., „‘Две илјади осумдесет и четврта’ или ‘Последниот Македонец во Европа’“ од 22.7.2022 г. и „Северна Македонија е мртва, да живее Македонија!“ од 18.8.2023 г., што да им порачам на читателите на „Нова Македонија“, на граѓаните на Република Македонија и на Македонците низ целиот свет? Честитајќи ја Новата 2024 година, посакувајќи здравје, среќа, благосостојба и личен просперитет и порачувајќи спокој и радост во срцата и во домовите, каква дополнителна порака да пренесам со ова новогодишно обраќање?! По срамните, неправедни, недемократски и однадвор наметнати решенија во минатите триесетина години: прифаќањето на привремената референца, промената на знамето, дивеењето на извршната власт реализирана преку два етнопаралелни процеса, неправедните и неуставните договори, промената на Уставот, промената на името, оспорувањето на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет, дали воопшто можеме да очекуваме трошка радост и подобра иднина?
Дали е можно, во 2024 година, македонските политичари да увидат, еднаш засекогаш, дека само ние, Македонците, што живееме во Република Македонија, во соседството и насекаде низ светот, можеме да се избориме за нас самите, за Македонците? Дали ќе доживееме, во 2024 година, обединување на македонските политички партии околу националните интереси, со што ќе се овозможи остварување на посакуваниот сон: вековно опстојување на Македонија? На лукративните, самобендисани, арогантни и манипулативни македонски политичари, знам, нема да им биде едноставно да ја споделат власта, меѓутоа сѐ друго води кон пропаст и изумирање на оваа држава, на Македонија. Со цел да престанат уцените и однатре и однадвор, по срамните, неправедни, недемократски и однадвор наметнати решенија, повикувам на обединување на Македонците и на македонските политички партии, меѓутоа, притоа, зборувам за вистинско обединување, а не за онакво какво што досега го искусуваме во реалноста, декларативно и привидно. Повикувам на вистинско обединување што ќе овозможи достоинствена ЕУ-интеграција, без политички уцени однадвор и однатре, без манипулации во пристапните преговори, обединување што ќе овозможи Македонците да бидат почитувани од другите народи, да имаат достоинствен, квалитетен и исполнет живот и да се намали поларизацијата што, на моменти, прераснува во омраза меѓу Македонците.
Пред да се осврнам на двата клучни атрибута за остварување на ваквото обединување, ќе се навратам на пораките што народот Коги, пред триесетина години, ги прати до светот. Планинскиот регион Сиера Невада, распространет до градот Санта Марта во Колумбија, или, според називот на домородните племиња, Срцето на Светот, е највисокиот крајбрежен планински венец на Земјата, со врвови повисоки од 5.700 метри и со падини до Карипско Море – регион што се карактеризира со разновиден екосистем (глечери, тундра, планински езера, пустини, тропски дождовни шуми и мочуришта) и со уникатен биодиверзитет (над 600 вида птици, од кои 36 вида се среќаваат само во тој регион). Срцето на Светот е земја на предците на цивилизациите што ја населувале Колумбија пред шпанското освојување во 16 век, од кои потекнуваат денешните домородни групи Вива, Коги, Архуако и Канкуамо, кои заедно ги формираат „четирите народи“ (Cuatro Pueblos).

Документарниот филм „Од срцето на светот: предупредување на постарите браќа“ (1990) и книгата со ист наслов се првите извори што раскажуваат за културата на народот Коги и за необичната врска помеѓу припадниците на племето и регионот Срцето на Светот. По четири века повлечено, изолирано опстојување во пределите на Срцето на Светот, увидувајќи, во осумдесеттите години на минатиот век, дека светите реки пресушуваат, глечерите се топат, дека „Срцето на Светот боледува, дури, можеби, е на умирање, племенските свештеници поканија еден британски новинар и режисер, кој требаше, со слика и со зборови, да ги пренесе нивните пораки. По првиот документарен филм и по првата книга, следуваа и други текстуални и видеозаписи. Од сите овие материјали, во денешниов текст ќе елаборирам само две пораки.
Првата порака е предупредување за еколошката катастрофа со која се соочува планетата Земја. Според традициите и верувањата на племињата, животот почнал во регионот Срцето на Светот, па, затоа тие се сметаат себеси за „постари браќа“, кои ја штитат животворноста на регионот и ги чуваат неговите свети места, со единствена цел: одржување на природната и духовната рамнотежа. Оваа рамнотежа беше и сè уште се нарушува од постапките на „помладите браќа“ – термин со кој племињата во регионот ги нарекуваат дојденците што ја уништуваат и ја ограбуваат нивната земја. Во очите на постарите браќа, тоа предупредување е игнорирано – помладите браќа сè уште не ги сфаќаат последиците од своето дејствување. Сепак, иницијативите дадоа плод и Колумбија почна да се грижи за опстанокот на регионот, што овозможи, по повеќе од четиристотини години, во 2013 година, дел од крајбрежјето на Карипско Море и дел од утоката на реката Херез да се вратат во сопственост на народот Коги, додека, пак, во 2018 година, беше донесена Уредбата за црната линија. Втората порака ќе ја пренесам преку зборовите на еден припадник на народот Коги: „Закрепнувањето доаѓа од морето…“, црната линија не е само физичка граница туку и духовна нишка што го поврзува овој регион со светот; „…регионот е срцето на светот, но регионот има раце“.
Денешниов текст, а впрочем и другите мои текстови, се напишани во Македонската академија на науките и уметностите, во објектот проектиран од Борис Чипан, еден од најголемите македонски архитекти – професор што учествувал во конзервација на црквите „Св. Софија“ во Охрид, „Св. Наум“ и „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези и на многу други. Композицијата „Оплакување Христово“ во црквата „Св. Пантелејмон“, инаку позната тема што се среќава во многу цркви, се разликува од другите фрески со истиот мотив според нагласеното истакнување на внатрешните чувства на изразот на лицата на прикажаните личности. Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија, 150 години пред творештвото на Џото.

Често, трагајќи по мирот во себе и ползувајќи ја духовната имагинација, преку делата на светите браќа Кирил и Методиј, Св. Климент, Чуповски, Мисирков, Конески и другите дејци и академици (починати и живи), во објектот на Храмот на науката и уметноста, на мудроста, наоѓав инспирација за моите текстови и обраќања и се поврзував со милениумското духовно и културно наследство на македонскиот народ.
Ако државата Македонија боледува, дури, можеби, е и на смртна постела, за што катадневно сме сведоци, ако помладите браќа – тоа се политичарите што учествуваа во политичкиот живот на Македонија во изминатите триесетина години, постепено, со години го уништуваа и го ограбуваа македонството, сомневајќи се во македонскиот јазик и во македонскиот идентитет, тврдејќи дека не сме Македонци, отфрлајќи ги Македонците од и во Егејска и Пиринска Македонија, време е да ги повикаме постарите браќа: Светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Чуповски, Мисирков, Конески и другите дејци, творци и мислители, и да се потсетиме на нивното материјално и духовно наследство. Но, оздравувањето на Македонија не може да почне само однатре туку и однадвор, поточно само ако Македонија почне вистински да се поврзува со Македонците во соседството и подалеку, со македонската дијаспора. Македонија е срцето на македонството, но македонството има раце – тоа се материјалните и духовните нишки од центарот со дијаспората, без кои, според мое мислење, Македонија е осудена на заод.
Македонијо, ти посакувам среќна Нова 2024 година: со мисла и со желба вечно да трае твоето опстојување, веднаш, на почетокот на новата година нека почне твоето оздравување, однатре и однадвор!