ФОРМУЛА 1

Формула 1 се сели од Спилберг во Силверстон за утрешната трка (16 часот) за големата награда на Велика Британија, на патеката долга 5,891 км, каде што во 1950 година се одржа првата трка на првото Светско првенство во Формула 1.

– Силверстон е особено брза патека, со долги прави делови и брзи свиоци. Тоа е комбинација што го отежнува подготвувањето на автомобилот, при што треба да се постигне рамнотежа помеѓу малата отпорност за брзина на правите делови и големата надолна сила за свиоците. Да не зборуваме за познатото „британско лето“, кое доведе до мноштво трки погодени од дожд во текот на годините, заедно со ветерот што се пробива низ трибините на патеката изградена околу стар аеродром. Во однос на стратегијата, релативно малата загуба на време во боксот и релативно лесното претекнување значат дека повеќекратните застанувања можат да функционираат ако деградацијата на гумите е доволно висока. Сепак, таа има тенденција да биде трка со едно застанување – вели за интернет-страницата на Формула 1 Берни Колинс, поранешен стратег на Астон Мартин Ф1.

По девет трки сезонава, актуелниот двоен светски шампион Макс Ферстапен победи на седум. Тоа значи дека Ферстапен сега има 81 бод повеќе од тимскиот колега Серхио Перез. Најмногу пол-позиции на оваа патека има Луис Хамилтон (седум), а тој има и најмногу победи (осум).