Финалето на плејофот за пласман во најсилната англиска лига се смета за најбогатиот меч во светскиот фудбал, откако победата вреди најмалку 170 милиони фунти, дури и ако победникот заврши на дното во Премиер-лигата во следната сезона, пишува „Скај спорт“. Во 2018 година ова беше меч во Лига 2, но утре Лутон и Ковентри ќе играат за место во Премиер-лигата

Во најголемиот домашен натпревар во календарот во Англија и најбогатиот натпревар во светскиот фудбал, Ковентри и Лутон се среќаваат на стадионот „Вембли“ утре, за место во Премиер-лигата, а победата вреди најмалку 170 милиони фунти, дури и ако победникот заврши на дното во Премиер-лигата во следната сезона, пишува „Скај спорт“.
Врз основа на уплатите од претходните сезони, екипата што ќе заврши на дното во Премиер-лигата ќе добие околу 95 милиони фунти централен приход, иако оваа бројка може да се промени во зависност од тоа колку често тој тим се прикажува во живо на телевизија во Велика Британија, пишува „Скај спорт“.
Доколку победникот на плејофот, пак, биде исфрлен од Премиер-лигата, тие ќе добијат нешто помалку од 76 милиони фунти (клубовите што ќе поминат една сезона во Премиер-лигата имаат право на исплати во вредност од само две сезони, кои се околу 75,6 милиони фунти за две години, а екипите што испаѓаат по повеќе од една сезона добиваат дополнителни 15 милиони фунти во третата година).
За опстанок во Премиер-лигата за една сезона оваа бројка ќе се зголеми на над 285 милиони фунти, тимот што ќе заврши на 17-то место ќе заработи околу 100 милиони фунти во централни плаќања, а ќе се квалификува и за дополнителни 15 милиони фунти во третата година.
Во 2018 година ова беше натпревар во Лига 2, но утре Лутон и Ковентри ќе играат за место во Премиер-лигата. Лутон досега не играл во Премиер-лигата (од нејзиното основање во 1992 година), а Ковентри сака да се врати во елитата првпат по 2001 година, до кога играше во најсилното англиско фудбалско натпреварување 34 последователни првенствени сезони по ред.
Низ регуларниот дел од сезоната во дивизијата Чемпионшип, во Премиер-лигата се пласираа првопласираните две екипи, Барнли и Шефилд јунајтед, а во плејофот, покрај Ковентри и Лутон, играа и Мидлсбро и Сандерленд. Н.М.