Ова е моја втора симултанка во Свети Николе, првата ја одиграв пред 50 години, во далечната 1974-та, кога бев во врвна форма и многу силен на шаховската табла. Тогаш играв на 25 табли, а славев со 22,5-2,5, вели Илиевски

ВО ЧЕСТ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ШАХОТ

Во чест на Меѓународниот ден на шахот, како и 100 години од формирањето на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), 20 јули, живата легенда на македонскиот шах, истакнатиот интернационален мајстор (ИМ) Димитар Илиевски, во Домот на културата во Свети Николе, одигра симултанка на 10 табли со шахисти од општините Свети Николе и Лозово, од кои пет беа сениори, а пет деца, шаховски надежи во овој крај.
Илиевски славеше со 9-1, а реми остварија организаторот на симултанката, Стојанче Петровски, и неговата ќерка, талентираната Илијана Велева, која има две титули шампионка на Македонија во категоријата до осум, две до 10 и една до 12 години, годинава, а во август ќе настапи и на Европското првенство (ЕП) во Прага во својата категорија. Велева, која е вистински бисер на македонскиот женски шах, е членка на школата на ШК Алкалоид, со која раководи велемајсторот (ВМ) Влатко Богдановски. Таа на Балканијадата во 2022 година во Црна Гора освои три сребра (во класичен, забрзан и во брз шах).
– Ова е моја втора симултанка во Свети Николе, првата ја одиграв пред 50 години, во далечната 1974-та, кога бев во врвна форма и многу силен на шаховската табла. Тогаш играв на 25 табли, а славев со 22,5-2,5, односно забележав 20 победи и пет ремија, без пораз. Многу ми е мило што годинава повторно ме поканија да играм симултанка по изминати 50 години, а патем ми беше врачена и благодарница од организаторот на симултанката. Пред почетокот на моите противници им реков само дека ако сакаат да бидат силни на шаховската табла, треба да имаат верба во себе, без разлика колку е силен противникот. Мора да веруваат во сопствените можности, што е мошне битно во шахот, односно да не се плашат без разлика колку е силен противникот што седи спроти нив – ни изјави Илиевски, кој досега одигра над 300 симултанки во Македонија и надвор (Италија, Полска, Германија, Србија, Бугарија и други држави) и е македонски рекордер според одиграни симултанки. Г.И.