ИЗБОР

Трофејот за најдобар спортист во Европа, според гласовите на медиуми од Европа, остана во рамките на тенисот, откако по ланскиот победник Новак Ѓоковиќ од Србија, најдобар европски спортист за годинава е Ига Швјонтек од Полска, моментно прв женски рекет на светот. Таа во 2022 година беше супериорна на тениските терени, славејќи на осум турнири, од кои на два на гранслем-турнири, на Ролан Гарос и на САД опен.
Швјонтек добила вкупно 118 гласа. Второто место му припадна на атлетичарот Арманд Дуплантис од Шведска, кој повторно соборуваше светски рекорди во скок со стап. Тој доби два гласа помалку. На третото место е двојниот шампион во Формула 1 (за 2021 и за 2022 година), Холанѓанецот Макс Ферстапен, со 82 гласа. Новиот машки тениски лидер, Шпанецот Карлос Алкараз, го освои четвртото место со 76 гласа, зад него е неговиот сонародник Рафаел Надал (66 гласа), а Французинот Килијан Мбапе е најдоброрангиран фудбалер, на шестата позиција (55 гласа). Следуваат норвешкиот биатлонец Јоханес Тингнес Бе со 50 гласа, норвешката скијачка Тереза Јохауг со 42, романскиот пливач Давид Поповиќи со 37 и данскиот велосипедист Јонас Вингегард со 33 гласа.
За најдобар спортист во Европа најмногу пати (пет) беше избиран швајцарскиот тенисер Роже Федерер, а Ѓоковиќ има еден трофеј помалку. Г.И.