Вилијамс првата гранслем-титули ја освои како 17-годишна девојка во Њујорк, на САД опен, во 1999 година. Нејзините 23 гранслем-титули се само една помалку од рекордните 24 на Австралијката Маргарет Корт. Сепак, Вилијамс има колекција на рекорди што, најверојатно, никогаш нема да бидат соборени, односно таа е единствената што победувала на три различни гранслем-турнири шест и повеќепати
ТЕНИС
Американката Серена Вилијамс (40) по блескавата 27-годишна професионална кариера, во која стана една од најдобрите тенисерки на сите времиња, најави дека на гранслем-турнирот во Њујорк ќе се збогува со „белиот спорт“.
– Доаѓаат моменти во животот кога треба да одлучиме да тргнеме во друга насока. Тоа секогаш е тешко ако претходно си сакал многу нешто друго. Но одбројувањето започна. Морам да се фокусирам на тоа да бидам мајка и конечно да откријам една поинаква, но исто толку возбудлива Серена. Ќе уживам во следните неколку недели – се огласи неодамна Серена Вилијамс.
Вилијамс првата од 23-те гранслем-титули ја освои како 17-годишна девојка токму во Њујорк, на САД опен во 1999 година, победувајќи ја Швајцарката Мартина Хингис во финалето. Таа прва победа го потврди она што стана очигледно уште од нејзиното професионално деби четири години претходно, дека таа, заедно со сестра си Венус, е растечка сила во женскиот тенис. Пред првиот триумф во поединечна конкуренција во 1999-та, Вилијамс веќе освои титули во мешани двојки на Вимблдон и на САД опен во 1998 година. Нејзините 23 гранслем-титули се само една помалку од рекордните 24 на Австралијката Маргарет Корт, кои, по сѐ изгледа, ќе бидат недостижни. Сепак, Вилијамс има колекција на рекорди што, најверојатно, никогаш нема да бидат соборени.
Таа освои седум титули на Австралија опен во сингл, седум на Вимблдон и шест на САД опен, плус три на Ролан Гарос и е единствената тенисерка што победувала на три различни гранслем-турнири шест и повеќепати. Вкупно, таа има освоено 39 гранслем-титули, 23 во поединечна конкуренција, 14 во двојки и две во мешани двојки.
Нејзината долговечност исто така е неспоредлива. Во 2002 година таа за првпат беше прворангирана во светот, а последен пат на таа позиција беше во 2017 година, што е интервал од речиси 15 години. Таа, исто така, го држи рекордот за најдолго растојание помеѓу првата и последната победа на еден гранслем-турнир, 17 години и 139 дена, односно помеѓу победата во Њујорк 1999 и во Мелбурн 2017 година, кога беше бремена со ќерка си Олимпија.
Вилијамс, исто така, има освоено и четири олимписки златни медали, три како партнерка во двојки на сестрата Венус (Сиднеј 2000, Пекинг 2008 и Лондон 2012) и еден во поединечна конкуренција во Лондон во 2012 година. Само тројца други играчи, Штефи Граф, Андре Агаси и Рафаел Надал имаат освоено „златен слем“ во кариерата, односно триумфирале на четирите гранслем турнири и освоиле олимписко злато.
Збогувањето на Вилијамс со тенисот во Њујорк стана тема број 1 во градот. Нејзината најава за пензионирање предизвика стампедо меѓу навивачите, што значеше дека билетите за првите три вечери од турнирот беа распродадени во рекордно време. Дали Вилијамс ќе го мине првото коло на турнирот и до каде ќе стигне е непознаница. Таа освојувањето на 24-та гранслем-титула го нарече „фантазија на навивачите“.
– Го разбирам тоа, но ми изгледа како добра фантазија. Но не барам некој церемонијален, последен момент на теренот. Ужасна сум при збогувањата, најлоша на светот – вели Вилијамс.
Нејзините неодамнешни резултати покажуваат дека песимизмот има добра основа. Првиот натпревар по најавата за пензионирање го загуби од Белинда Бенчиќ во Торонто (2-6, 4-6). Потоа во Синсинати беше поразена од актуелната шампионка на САД опен, Ема Радукану, со 4-6 и 0-6, британска тинејџерка што е родена три години по првата победа на Вилијамс во 1999 година.
Л.Д.