Секако, очекував златен медал, оти јас секогаш атакувам на првото место. Така беше и овој пат, а во Талин го освоив мојот шести медал од европските првенства, вели сребрениот олимпиец Дејан Георгиевски

ТАЕКВОНДО – ЕВРОПСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО ВО ТАЛИН

Македонските таеквондисти Дејан Георгиевски (категорија над 84 кг) од ТК Бутел во машка и Мила Рељиќ (до 62 кг) од ТК Тигри во женска конкуренција постигнаа огромен успех, освојувајќи златни медали на Европското клупско првенство (ЕП) во естонскиот град Талин. Во екипна конкуренција настапи само Бутел, но не успеа да го повтори или подобри успехот од ЕП во Солун во 2019 година, кога скопјани беа шести. За Бутел ова е трет поединечен медал од клупско ЕП, досега има две злата и едно сребро.
Во Талин клупското ЕП беше од рангот Г2, што значи дека покрај екипен (настапуваат сите шестмина поединечно, а потоа им се собираат вкупните бодови за екипен пласман н.з.), се вреднува со медали и поединечен пласман. Во Талин боите на клубот уште ги бранеа Филип Додевски (до 84 кг), Филип Стаменов (до 80 кг), Анамарија Георгиевска (до 67 кг), Сања Поповска (до 57 кг) и Фросина Рајковска (до 46 кг).
– Секако, очекував златен медал, оти јас секогаш атакувам на првото место. Така беше и овој пат, а во Талин го освоив мојот шести медал од европските првенства. Што се однесува до противниците, би рекол дека секоја борба си има своја тежина. Бидејќи сум добро рангиран, во првото коло бев слободен и ми требаа само две борби да стигнам до златниот медал. Бидејќи сум веќе навикнат да имам и по 4-5 борби, не ми беше многу тешко да ги изработам тие две борби и да го освојам првото место во мојата категорија – задоволно ни изјави Георгиевски, кој до златото стигна совладувајќи го Египќанецот Шериф Каири Амр (28-22), а потоа и Норвежанецот Милош Пилиповиќ (18-6).

Да потсетиме дека на клупското ЕП во Солун во 2019 година Георгиевски освои сребро, а Филип Додевски злато.
Георгиевски зад себе има богата колекција на медали од ЕП. Покрај последниот медал, тој е носител на бронза од ЕП (до 21 год.) и на злато од сениорското ЕП 2017 (со само 18 години), потоа бронза од ЕП 2018 (до 21 год.), сребро од ЕП во Солун 2019 и сребро од ЕП во Сараево 2020 година.
Со злато се закити и Мила Рељиќ (до 62 кг), членка на ТК Тигри од Скопје, која настапи само во поединечна конкуренција. Таа во првото коло беше подобра од Италијанката Франческа Куомо, во второто коло ја совлада Украинката Марија Лабузова, во полуфиналето беше поуспешна од Египќанката Надина Махмуд, а во финалето нејзината ривалка, Еквадорката Мел Мина, поради повреда на раката добиена во полуфиналето, ја предаде борбата. Рељиќ сепак беше фаворитка во оваа борба, оти Мина загуби и пред две недели во финалето на Опен Г2-турнирот одржан во Израел.

По ЕП, во Талин викендов требаше да се одржи и опен-турнир од серијата Г2, каде што беше планирано да настапат и сите македонски претставници присутни на ЕП, а тоа секако беше и нова можност за докажување и медали.
Ова клупско ЕП истовремено претставуваше и одлична увертира за она што го очекува македонското таеквондо до крајот на годината. Така, по ова ЕП во Естонија, во септември следува ЕП за јуниори (до 21 год.) во Албанија, а во ноември годинава во Мексико ќе одржи и Светското првенство (СП) за сениори, што ќе претставува и најзначаен настан годинава за таеквондо-спортот.

Г.И.