Срѓан Ѓоковиќ, таткото Новак Ѓоковиќ, преку социјалните мрежи објави дека најдобриот светски тенисер ќе биде депортиран од Австралија и ќе се врати за Србија, по укинувањето на неговата виза за влез во државата од страна на австралиските власти.
„Депортација! Нашата гордост, нашиот Новак се враќа. Да го дочекаме како што доликува!“ порача Срѓан Ѓоковиќ.
Со тоа станува извесно дека деветкратниот шампион на Австралија опен нема да добие прилика да ја брани неговата титула на претстојното издание на гранслем-турнирот во Мелбурн. И сагата за влез на српскиот тенисер во Австралија се ближи кон крајот откако тој беше задржан седум часа на аеродромот во Мелбурн.
Дел од упатените српски и австралиски новинари, претходно објавија дека Ѓоковиќ има право на жалба и оти би можел да остане уште еден ден во Мелбурн, каде што би бил сместен во градски хотел под карантин, пред да се појави пред судот. Но по објавата на Срѓан Ѓоковиќ стана јасно дека тимот на популарниот Ноле не очекува разврска во полза на српскиот тенисер.
Новинарот на австралискиот портал „Ејџ“, Пол Сакал, тврдеше дека визата на Ѓоковиќ била укината бидејќи првиот светски рекет не покажал доволно докази за медицинскиот исклучок кој му беше одоборен од организаторот на Австралија опен за да може да учествува на турнирот во Мелбурн.
Одлуката за давање на медицински исклучок за повеќемина тенисери за влез во австралиската држава Викторија, вклучувајќи го и првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ, со што им се овозможува учество на претстојниот гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн, предизивка големо негодување во австралиската јавноста, соочувајќи го и организаторот со критики.
По сѐ што се случуваше во текот на денот, јасно е дека целата ситуација доби и политички контекст, судејќи според изјавите на австралиските политичари кои постојано се огласуваат во врска со статусот на Ѓоковиќ. Австралискиот премиер Скот Морисон вечерва преку Твитер објави дека визата на српскиот тенисер е укината.
– Визата на господинот Ѓоковиќ е укината. Правилата се правила, особено кога станува збор за нашите граници. Никој не е над тие правила. Нашите цврсти гранични прописи беа клучни за тоа што Австралија има една од најниските стапки стапки на смртност од ковид-19 во светот. Продолжуваме да бидеме претпазливи – напиша Морисон на Твитер.
Мелбурн помина низ едно од најдолгите заклучувања во текот на пандемијата, а меѓу оние кои се пожалија на одлуката се и локалните здравствени работници, велејќи дека ваквиот потег „многумина во Викторија го сметаат за фрустрирачки и разочарувачки“. Бројни љубители на тенисот преку социјалните мрежи му порачаа на Ѓоковиќ дека не е добредојден и дека ќе се соочи со непријателски пречек во Мелбурн, како и дека ќе навиваат против него. Ѓоковиќ досега упорно одбиваше да открие дали примил вакцина против ковид-19 повикувајќи се на слободата на избор.
Организаторите на турнирот соопштија дека ги разгледале барањата за исклучоци поднесени од страна на вкупно 26 ѕвезди на белиот спорт. Светската тениска асоцијација (АТП) претходно објави дека 95 од водечките 100 светски тенисери се вакцинирани.
Српскиот тенисер најверојатно ќе треба да го почека Ролан Гарос во обидот да стигне до рекордниот 21 гранслем-трофеј со кој би ги надминал најголемите ривали Роже Федерер и Рафаел Надал (сите тројца моментно имаат по 20 трофеи).
Првиот гранслем-турнир сезонава, Австралија опен, ќе се одржи од 17 до 30 јануари.