Фото: ЕПА

Транзицијата ќе бара „чисто место“, каде што ќе се скријат сите карактеристични ознаки на Ролан Гарос и ќе бидат заменети со олимписките прстени и логото на градот домаќин, а по тенискиот турнир главниот терен ќе претрпи уште една трансформација за да биде домаќин на олимписките боксерски финалиња, пишува „Ројтерс“

ТЕНИС

По завршувањето на тенискиот гранслем-турнир Отвореното првенство на Франција, на Ролан Гарос почна нова трка, за неколку недели да се трансформираат познатите црвени земјени терени во блескави олимписки терени, пишува „Ројтерс“. Избран уште во 2016 година да биде едно од вкупно 41 место за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, Ролан Гарос сега се соочува со задача да се усогласи со прецизните стандарди поставени од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и од организаторите на годинашните Летни олимписки игри.
Транзицијата ќе бара „чисто место“, каде што ќе се скријат сите карактеристични ознаки на Ролан Гарос и ќе бидат заменети со олимписките прстени и логото на градот домаќин. До 20 јули, кога тенисерите ќе почнат да тренираат, Ролан Гарос ќе биде преплавен во живописните бои на олимписките игри. Прво, тимот на турнирот мора да ги расклопи штандовите за храна, местата за забава и сѐ што е брендирано со Ролан Гарос што може да се отстрани. Олимпиското преуредување ќе продолжи до средината на јули, а потоа ќе има сеопфатна безбедносна проверка.
Внатре во терените треба да се заменат над 250 предмети, од судиските столчиња до паноата за реклами, кои ќе бидат заменети со церади со олимписки изглед. По тенискиот турнир, главниот терен „Филип-Шатрие“ ќе претрпи уште една трансформација за да биде домаќин на олимписките боксерски финалиња во текот на пет вечери, означувајќи го крајот на несекојдневното лето за ова славно место, пишува „Ројтерс“. Н.М.