Емил Ристески

Целта пред турнирот беше да освојам ИМ-норма, ама не бев под притисок дека морам по секоја цена да го сторам тоа. Ме мотивираше тоа што играв со многу велемајстори, вели Ристески, кој ремизира со четворица ВМ

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Емил Ристески (2.347 рејтинг-поени, рангиран на 177-то место пред почетокот на ЕП), на две кола до крајот на Европското првенство што се игра во Словенија, со одлична игра ја исполни и втората норма (т.н. бал) за титулата интернационален мајстор (ИМ). Тој во деветтото коло на ЕП во Брежице ремизира со црни фигури (по 26 потези) со полскиот ВМ Шимон Гумулаж (2.539, рангиран на 84-то место).
Ако го задржи овој ритам на игра, Ристески, кој првата норма ја освои во декември лани на турнир во Аранѓеловац (Србија), во девет кола, ќе може втората норма за ИМ да му гласи и на 10 или 11 кола, од тоа што ќе направи, што, пак, значи дека ќе може третата норма да ја освои и на турнир од седум кола, а не од минимум девет, со оглед на тоа што за ИМ-титула е потребно да се одиграат вкупно 27 партии. Ристески досега на ЕП 2022 играше со шест ВМ и забележа четири ремија и два пораза. Во следното, претпоследно коло ќе игра со литванскиот ВМ Паулиус Пултиневичиус (2.546, рангиран на 79-то место пред почетокот на ЕП). Македонија досега има 13 интернационални мајстори.
– Целта пред турнирот беше да освојам ИМ-норма, ама не бев под притисок дека морам по секоја цена да го сторам тоа. Ме мотивираше тоа што играв со многу велемајстори и што можев да видам до каде сум со напредокот на шаховската табла. Најубавата партија ја одиграв во првото коло со ВМ од Ерменија, Роберт Ховханисјан, која заврши со реми. Третиот бал за ИМ не знам кога ќе го освојам, се надевам што поскоро. Следен турнир на кој ќе настапам ќе биде првенството на Македонија – ни изјави Ристески, кој досега освои 17,8 нови рејтинг-поени и има играчки перформанс од 2.453 рејтинг-поени.
Од другите македонски претставници, половина поен освоија ФМ Роберт Велески (рејтинг 2.136) против Ник Јаворник од Словенија (2.002) и Хедон Мифтари (1.987) против ФМ од Монако, Патрик ван Холанд (2.065), а загубија Филип Михов (2.255) од Лука Ваупот, од Словенија (2.083), додека Антон Златков (2.081) од Кораб Сарачи, од Косово (2.229).
На две кола до крајот на ЕП 2022, на кое играат 317 шахисти (114 велемајстори) од 40 држави, Ристески со 4,5 поени е на делба на 139.-192. место, Златков и Велески со по три поена го делат 264.-288. место, а Михов и Мифтари со по 2,5 поени, 289.-300. место. Со 7,5 поени и понатаму прв е Германецот Матијас Блубаум (2.642, рангиран на 20-то место пред почетокот на ЕП).