Ваквите турнири придонесуваат за севкупно кревање на шаховската игра кај нас, од зголемување на бројот на младите шахисти, а особено кај девојчињата, до кревање и на квалитетот на шампионите, вели шаховскиот тренер Орце Данчевски

ШАХ

На Отвореното поединечно првенство на Скопје за млади за годинава, викендов во возрасните категории до осум, 10, 12 и до 14 години (седум кола, со темпо од двапати по 30 минути, плус 30 секунди по секој потег) настапија вкупно 145 учесници.
– Првиот впечаток на целокупниот шаховски настан е дека може да се вброи меѓу најдобрите организирани шаховски турнири за деца во Македонија. Имаше рекорден број учесници во сите категории, вкупно 145, прекрасни услови за игра, одлични судии и најважно, награди за секој учесник. Шаховскиот сојуз на град Скопје, предводен од претседателот Ѓорѓи Миновски, одлично си ја заврши својата работа. Ваквите турнири придонесуваат за севкупно кревање на шаховската игра кај нас, од зголемување на бројот на младите шахисти, а особено кај девојчињата, до кревање и на квалитетот на шампионите. И најважното од сѐ, кревањето на шаховската култура на едно високо ниво во секој поглед – вели професионалниот шаховски тренер на ШК Гамбит Асеко-СЕЕ, ИМ Орце Данчевски.
Вкупно настапија 29 момчиња и 17 девојчиња во категоријата до осум години, потоа 29 момчиња и седум девојчиња до 10 години, вкупно 34 (од кои пет шахистки) до 12 години и 29 (од кои две шахистки) во категоријата до 14 години. Во категориите до осум и до 10 години имаше одвоени победници во машка и во женска конкуренција.
Поединечни прваци на Скопје за 2023 година станаа: во категоријата до осум години (девојчиња) Ина Крумова од ШК Цареви Кули (Струмица) со шест поени, до осум години (момчиња) Селим Ахмет Абдурахман (1.210 рејтинг-поени) од ШК Гамбит Асеко-СЕЕ (Скопје) со седум поени, до 10 години (девојчиња) Илијана Велева (1.288) од ШК Алкалоид (Скопје) со шест поени, до 10 години (момчиња) Марко Стојановиќ од ШК Алкалоид со шест поени, до 12 години Даниел Стефаноски (1.430) од ШК Гамбит Асеко-СЕЕ со 6,5 поени и до 14 години Мајкл Бурнс (1.372) од ШК Гамбит Асеко-СЕЕ со шест поени. Г.И.