Низ страниците на македонската литература за деца: „Борко брзозборко“ од Ксенија Маказлиева Трајчева

Во училиштето на Иван се организираше новогодишен турнир во мал фудбал. Тимовите беа направени од ученици и наставници, а учествуваа сите училишта од неговиот град.
Иван тренираше фудбал веќе четири години и важеше за голем талент. Кај што беше Иван, таму беше победата. Меѓутоа, сега е поинаку. Ќе се натпреварува со тимовите од другите училишта. А таму играат неговите другари од клубот. Тоа е веќе сериозна конкуренција.
Но Иван го мачеше нешто друго. Кој ќе биде во публиката? Кој ќе навива за него? Дали ќе се појави Лина од соседното одделение?
„И да се појави и да не се појави, што е важно“, размислуваше „важно е јас да ја полнам противничката мрежа со голови“.
Турнирот траеше два дена за време на викендот. Секој тим имаше своја навивачка група – мажоретки. Едни личеа на Дедо Мраз, други на снешковци, трети на снегулки… и сите навиваа за своите тимови. Тренери беа наставниците по физичко, а капитени на тимовите, се разбира, најдобрите.
Иван немаше чест да ја носи капитенската лента зашто беше најмал во тимот. Тој беше многу среќен што игра со нив.
Натпреварите следуваа еден по друг. Еднаш победија, другпат нерешено, а третиот натпревар одлучуваше дали ќе се борат за првото место. Но, на крајот требаше да се шутираат пенали.
– Иван, ти прв ќе шутираш – му рече тренерот.
– Јас?! – праша Иван, не верувајќи им на ушите.
– Да, ти – сигурен беше тренерот. – Нивниот голман е малку бавен, а ти си брз како стрела, верувам во тебе.
Иван се преплаши. Не му беше првпат да стои на белата точка, но ова беше поинаку…
Кога застана покрај топката подготвен да шутира, слушна како сите извикуваат:
– Иван, Иван, Иван…
„Не смеам да ги разочарам“, си помисли. Се врати неколку чекори наназад и кога ја слушна судиската свирка, се залета со сета сила напред, па наместо со десната, шутна со левата нога. Тоа го изненади голманот, кој се фрли на спротивната страна и топката заврши во аголот.
– Гооол, гооол… – се слушаше од сите страни.
Тимот на Иван победи. Попладнето требаше да се борат за првото место.
Но, Иван беше пресреќен што стигнаа до финалето. А уште посреќен беше кога разбра дека и Лина била во публиката.
Следниот натпревар го играше како од шега. Постигна гол кога сите најмалку се надеваа и првото место беше нивно. Сите скокаа од радост. Целото негово одделение за миг се најде на теренот. Меѓу нив ја забележа Лина.
– Може ли едно селфи? – го праша Лина застанувајќи до него.
-Да, може – рече Иван. И штрак, штрак… неговиот лик за миг се најде во телефонот на Лина, веднаш покрај нејзиниот.
А што поубаво можеше да посака за Нова година?