Фото: ЕПА

Околу 45.000 полицајци ќе бидат распоредени за да ја гарантираат безбедноста на церемонијата, вклучувајќи ги и специјалните интервентни сили, снајперисти ќе бидат распоредени на покривите, ќе биде поставен систем против дронови, а во реката ќе се проверува дали има потопени бомби, пишува агенцијата „Ројтерс“

ВО ПРЕСРЕТ НА ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПАРИЗ

Метална завеса се спушти низ центарот на Париз во четвртокот додека полицијата наметна безбедносен периметар по должината на брегот на реката Сена, затворајќи ја областа за сите што немаат пропусница, пишува агенцијата „Ројтерс“. Летните олимписки игри (ЛОИ) почнуваат в петок, со церемонија на отворање, на која ќе продефилираат илјадници спортисти и изведувачи, шест километри по должината на реката.
Во четвртокот беа поставени метални огради. На секој што живее или работи внатре во периметарот му треба пропусница со QR-код за да помине низ контролните пунктови. Некои парижани уживаа во смиреноста, други се пожалија на новите ограничувања, пишува „Ројтерс“.
Работничката Естел Бубо рече дека необичната тишина во ограничената зона на градот ја потсетила на заклучувањата за време на пандемијата на ковид-19.
– Но ова е малку порадосно од ковид, ова се олимписки игри – рече таа.
Поаѓајќи од мостот „Остерлиц“, парадата ќе плови покрај париската катедрала „Нотр Дам“ и ќе пристигне во близината на Ајфеловата кула, откако ќе помине под мостовите и портите и во близината на многу знаменитости на француската престолнина. Организаторите рекоа дека ќе има музика, танц и настапи на секој брег на реката и на секој мост.
Околу 45.000 полицајци ќе бидат распоредени за да ја гарантираат безбедноста на церемонијата, вклучувајќи ги и специјалните интервентни сили, снајперисти ќе бидат распоредени на покривите, ќе биде поставен систем против дронови, а реката ќе се проверува дали има потопени бомби, пишува „Ројтерс“.
Париските власти со месеци им кажуваат на жителите дека ќе им треба пропусница. Новопристигнатите туристи беа изненадени. Некои фотографираа познати знаменитости преку металните огради.
Себастијан Булео, извршен директор на компанија, рече дека имало одредена конфузија првиот ден.
– Мислам дека ни треба само период на приспособување – рече тој. Н.М.