Со зголемено темпо и за проектот „Шах во училишта“: Ѓорѓи Миновски

ШАХ – ЃОРЃИ МИНОВСКИ СТАРО-НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ШСГС

Плановите за наредните четири години се да работиме со зголемено темпо на проектот „Шах во училишта“, а во тесна соработка со ШФМ, општините и со основните училишта, потоа организација на училишни и општински турнири, кои се надевам ќе станат традиционални, кревање на нивото на традиционалниот турнир „Опен Скопје“, односно се надевам дека ќе успееме да донесеме што поголем број светски познати велемајстори и, стандардно, ќе продолжиме со организација на традиционалните предновогодишни отворени детски првенства, вели Миновски

Шаховскиот сојуз на град Скопје (ШСГС) е втора најголема шаховска организација во Македонија, по Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), нејзини членки се девет клуба, кои се активни на територијата на Скопје. На неодамнешното Изборно собрание, Ѓорѓи Миновски доби втор мандат од четири години да биде на чело на ШСГС.
– Особена чест и задоволство ми беше што бев претседател на Шаховскиот сојуз на град Скопје во претходните четири години, но уште повеќе ме радува што мојот труд и активности беа потврдени и на Изборното собрание. Во присуство на седум претставници на скопските клубови, од вкупно девет, едногласно бев реизбран за претседател на ШСГС. Реизборот ми дава уште поголем мотив, но и одговорност и понатаму да работам на подобрување на шаховските активности на територијата на Скопје. Шаховскиот сојуз на град Скопје и неговите активности се поздравени и поддржани и од претседателот и потпретседателот на ШФМ – вели Миновски.

Тој ги најави плановите во следниот мандат.
– Плановите за наредните четири години се да работиме со зголемено темпо на проектот „Шах во училишта“, а во тесна соработка со ШФМ, општините и со основните училишта на територијата на Скопје, потоа организација на училишни и општински турнири, кои се надевам ќе станат традиционални, кревање на нивото на традиционалниот турнир „Опен Скопје“, односно се надевам дека ќе успееме да донесеме што поголем број светски познати велемајстори. И, стандардно, ќе продолжиме со организација на традиционалните предновогодишни отворени детски првенства – вели Миновски.

Миновски првпат беше избран за претседател на ШСГС во мај 2018 година.
– Им благодарам на сите што ме поддржаа тогаш, а и сега, како и на екипата со која неуморно работевме досега за промоција и за напредок на шахот, а со која сум сигурен дека и во иднина ќе соработуваме и ќе работиме за подобра иднина на шахот во главниот град на Македонија – рече Миновски. Г.И.