Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија како повод

Партизацијата, како негативен феномен на македонското општество, очигледно се има претворено во општоприфатена состојба, штом висок носител на јавна функција, како што е министерот за здравство, ги занемарува стандардните демократски критериуми, правила и процедури. Застрашувачки е фактот, велат нашите соговорници, како од едно високо место на државната управа како што е министерското, како вообичаен административен начин на управување со специфични високопрофесионални институции, „клучот“ за решавање на проблемите се бара во партиско-коалициската шема за поделба на власта!?

Изнудениот одговор на министерот за здравство Фатмир Меџити, за тоа кој ќе го наследи директорот на Клиниката за кардиохирургија, Јовев, кој тој го разреши, отвори продлабочено скенирање на целата ситуација и наведе на хроничната болка на македонскиот систем на државно управување – партизацијата. Имено, на инсистирања на новинарите да добијат одговор за причината за разрешувањето на Јовев, кој е наградуван лекар специјалист и ја водеше првата трансплантација на срце, односно кој ќе го наследи на директорската позиција, министерот Меџити спонтано призна „дека не знае, оти тоа било место на СДСМ“. (!?)
– Тоа е кадар на коалицискиот партнер СДСМ. Тие ќе предложат друго име. Никој не е тука засекогаш, бесмртен да биде. Ниту јас, ниту другите, ниту директорите. Здравството е жива материја. Кој нема да сработи, ќе биде отпуштен од функцијата – одговори министерот за здравство.

И покрај изјавите дека одлуката за разрешување на директорот на кардиохирургија не била политички мотивирана, а и самиот Јовев вели дека „иницијалната каписла не е политиката“, апсурдноста на ситуацијата е уште поизразена, што решението, сосема природно се бара во „партиско-коалицискиот клуч на наградување“…

Назначувањето на раководни позиции во државни и јавни институции не е награда за партиски активности

– Луѓето изгледа погрешно разбрале. Назначувањето на раководни позиции во државни и јавни институции не е награда за партиски активности! Со таква логика и такво разбирање на демократијата и начинот на избор на луѓе за раководители на одговорни позиции се уриваат сите предуслови за напредок на државата. Демократијата е многу интересен начин, за оние што досега не знаеле, на функционирање на државата и општеството, во кој може да се избира и да се биде избран на одредена позиција во управувањето со системот, но врз основа на критериуми, правила и процедури. Тоа значи дека за одредена раководна позиција, основните критериуми се искуство, многу знаење, докажани резултати и успешност во струката. Изборот се врши врз основа на знаења и информации, со почитување на критериумите, правилата и процедурите. Во плурално и мултиетничко општество, можно и дозволено е овие базични елементи за избор на раководни позиции да бидат надградени со критериуми за етничка, родова, партиска… или припадност на одредена групација, но тоа се крајни елементи при одлуката за одреден избор и се применуваат кога има кандидати со исти или приближно исти резултати и квалитети прикажани при изборот. Со превртената логика, во која како први критериуми избиваат „дополнителните елементи“, се урнисуваат целиот државен систем и професиите, кои се основата за просперитет на државата – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска од Институтот за политичко-правни истражувања.

Партизацијата, како негативен феномен на македонското општество, очигледно се има претворено во општоприфатена состојба, штом висок носител на јавна функција, како што е министерот за здравство, ги занемарува стандардните демократски критериуми, правила и процедури. Застрашувачки е фактот, велат нашите соговорници, како од едно високо место на државната управа како што е министерското, како вообичаен административен начин на управување со специфични високопрофесионални институции, „клучот“ за решавање на проблемите се бара во партиско-коалициската шема за поделба на власта!?

Кога стручноста и квалитетот ќе бидат единствените критериуми?

– Едноставно е неприфатливо за високостручни позиции решенија и разрешувања да се носат со партиско-политички клуч. Партиската политика, воопшто треба да биде во втор, трет план кога станува збор за сите државни стручни институции, но кога се работи за високостручни области и позиции, политиката не смее да има никаков пристап. Стручноста и квалитетот треба да бидат единствените критериуми. Конечно, кога станува збор за конкретната ситуација со политизација на случајот на директорот на кардиохирургија – базичната вистина е дека тоа не е партиска клиника, за да се применуваат партиски кадровски решенија. Според таквата наша партиско-политичка логика и во фудбалските тимови играчите би требало да се избираат според некаков политички клуч. Кога таквата шема на политички избрани играчи би се пресликала само како пример, на клубови како Реал или Барселона, можеби е повидливо колку е апсурдна – вели филозофот Ферид Мухиќ.

Професорката Мирјана Најчевска го гледа излезот од ваквиот воспоставен политичко-партизиран принцип на државно-општествено функционирање во Македонија, во оттргнувањето, односно заштитата на државните институции од влијанието на политичките партии.
– Администрацијата треба да биде извлечена од рацете на политичките партии. Формирањето на Агенцијата за администрација требаше да создаде услови и критериуми за професионално и кариерно напредување на професионалните административци, кои би биле стабилниот темел на државата, да биде заштитена од партиски влијанија. Професионалната администрација, мала но ефикасна е гаранција за континуитет и стабилност на државата и спроведување на процесите за нејзин развој, без оглед на промените што ќе се случуваат во власта. Но ниту една политичка партија што доаѓа на власт не сака да ја ослободи јавната и државната администрација од своето влијание, па често сме сведоци на решенија, назначувања и разрешувања и во административните структури и на луѓе на раководни позиции, од позиција на партиска моќ, (пре)власт, па дури и суета, без аргументирани образложенија, кои се неопходни во една законска процедура – вели професорката Најчевска.

Наместо заклучок, би истакнале дека во повеќе прилики обрнавме внимание дека многу од нашите соговорници од различни бранши се невообичаено унисони во заклучокот дека коренот на овој проблем е сепак понудата на човечки ресурси што партиите во една прикриена, опскурна процедура ги вадат своите кандидати како „избрани застапници на народот од изборите“?! Токму таквата можност на партиите и лидерите е една колосално редуцирана демократска процедура, во која се крати можноста на широкиот електорат да избере народни пратеници по своја слободна волја, компетентни, стручни и посветени за она што ќе бидат избрани. А токму одговор на тој предизвик се – отворените изборни листи, кои побрзо треба да бидат ставени на агендата за измени во изборниот модел и закон. И повторно се навративме на суштината на проблемот за кој повеќепати сме пишувале!