Кирил Георгиев

ШАХ – РАСТЕ БРОЈОТ НА ПРИЈАВЕНИ ЗА НАСТАП НА „ОПЕН СКОПЈЕ 2022“

На 26 дена до почетокот на турнирот, пријавени се 60 шахисти (шест шахистки) од Македонија, Азербејџан, Романија, Црна Гора, Грција, Бугарија и од Косово. Досега се пријавени вкупно 12 велемајстори. „Веќе имаме најави на шахисти од Чешка, Србија, Хрватска, Ерменија и од други држави. Во секој случај, турнирот ќе има најмалку 150 шахисти“, вели директорот на турнирот, Ѓорѓи Миновски

Вкупно 60 шахисти (од кои четири шахистки) од Македонија, Азербејџан, Романија, Црна Гора, Грција, Бугарија и од Косово се пријавени на 26 дена до почетокот на меѓународниот турнир „Опен Скопје 2022“ (од 21 до 27 октомври). Од нив, 12 се велемајстори (ВМ), четири интернационални мајстори (ИМ) и пет ФИДЕ-мајстори (ФМ).
Од ВМ засега своето учество го потврдија Кирил Георгиев (2.538 рејтинг-поени, рангиран прв), Звонко Станојоски (2.413), Драгољуб Јаќимовиќ (2.397) и Роландо Кутиров (2.292) од Македонија, Вугар Расулов (2.512) од Азербејџан, Никола Ѓукиќ (2.536), Лука Драшковиќ (2.492), Драгиша Благојевиќ (2.488) од Црна Гора, Владислав Неведничи (2.472) од Романија и Петар Арнаудов (2.472), Мариан Петров (2.448) и Петар Дренчев (2.342) од Бугарија. Од шахистките, пак, засега ќе настапат Катерина Петровска (рејтинг 1.883), Ивана Манова (1.876), Моника Жежовска (1.658) и Инџи Ајрадиноска (1.501).

Секако, до почетокот на турнирот овој број рапидно ќе се зголемува, а веќе има и најави до организаторот, Град Скопје во соработка со Шаховската федерација на Македонија (ШФМ).
– Веќе имаме најави на шахисти од Чешка, Србија, Хрватска, Ерменија и од други држави. Во секој случај, турнирот ќе има најмалку 150 шахисти. Следната година ќе го објавиме расписот порано, оти годинава малку задоцнивме, па многу шахисти веќе договориле ангажман во некои странски лиги или турнири. Подготовките на турнирот течат одлично, а речиси целиот турнир ќе се игра на електронски табли и ќе може да се следи во живо – вели директорот на турнирот, Ѓорѓи Миновски.
„Опен Скопје“, кој во минатото имаше голема традиција и на кој учествуваа многу реномирани домашни и странски шахисти и шахистки, годинава е со награден фонд од 12.500 евра, поделен на 12 награди (победникот ќе добие 2.800 евра), а предвидени се и повеќе специјални парични награди. Г.И.