Шпанците се актуелни шампиони, но наша цел ќе биде да ги елиминираме и да се бориме за четвртата титула, оптимист е играчот на вицешампионот Олимпијакос, Томас Воркап
КОШАРКА – ЕВРОЛИГА, ФАЈНЛФОР
Спортската арена „Убер“ во германскиот град Берлин, со капацитет 14.550 гледачи, ќе биде домаќин на годинашниов фајнлфор во кошаркарската Евролига, на кој за победничкиот пехар ќе се борат шпански Реал Мадрид, турски Фенербахче и двата грчки претставника Олимпијакос и Панатинаикос. Тоа се кубовите што всушност и покажаа најмногу во текот на сезоната 2023/2024, во која имаше мошне возбудливи и неизвесни дуели. Во полуфиналните дуели, в петок, силите ќе ги одмерат Панатинаикос со Фенербахче и Реал Мадрид со Олимпијакос. Победниците ќе играат во финалето в недела.
Според кошаркарските експерти, прв фаворит за победничкиот пехар е бранителот на титулата Реал Мадрид.
– Веруваме во себе и во нашиот тренер. Имаме одличен тим со квалитетни играчи и знаеме дека можеме да се носиме со Реал Мадрид. Нема да биде лесно, но знаеме што сакаме и каков квалитет имаме. Шпанците се актуелни шампиони, но наша цел ќе биде да ги елиминираме и да се бориме за четвртата титула. Го чекаме овој трофеј повеќе од една деценија, па затоа е крајно време да ги израдуваме нашите навивачи – вели играчот на вицешампионот Олимпијакос, Томас Воркап.
Во регуларниот дел од ова натпреварување, Мајк Џејмс беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на сезоната. Американскиот плејмејкер, член на Монако, одигра одлична сезона, неговиот клуб беше трет по лигашкиот дел, но потоа во плејофот беше елиминиран од Фенербахче. Тој имаше просек од 17,9 поени, 5,1 асистенција, 4,1 скок и 1,2 украдени топки по меч, со просечен индекс на корисност од 19,4. Габриеле Прочида е прогласен за најдобар млад играч, најдобар тренер е Чус Матео, прв стрелец Маркус Хауард, додека во најдобрата петорка, покрај Џејмс, се најдоа уште Факундо Кампацо, Хејс Дејвис, Матијас Лесор и Кендрик Нан. Г.И.