Фото: Маја Јаневска-Илиева

На светските листи ракометната селекција е на 24-то место (меѓу 109 репрезентации), одбојкарската репрезентација е на 43-то (77), кошаркарската е 54-та (164), а фудбалската репрезентација е на 65-то место (211)

Според најновите релевантни светски ранг-листи во фудбал, кошарка, ракомет и во одбојка, од македонските репрезентации моментно најдобро котира ракометната, која е на 24-то место (1.436,5 бода), од вкупно 109 селекции, три позиции погоре од претходниот пласман на неодамна завршеното Светско првенство. Следува одбојкарската репрезентација на 43-то место од 77 селекции (102,07), па кошаркарската, 54-то место меѓу 164 селекции (204,3), а фудбалската репрезентација е 65-та (1.355,28) од вкупно 211 репрезентации во светот.
Сите четири, би рекле најпопуларни и најуспешни машки репрезентативни спорта, уште се далеку од врвот. Ако направиме една споредба со државите од поранешната СФРЈ, Македонија има подобар пласман од Црна Гора (29. место) и од БиХ (35.), одбојкарите и кошаркарите од БиХ (52. и 35.), а фудбалерите од Црна Гора (69.).
Поединечно гледано, пак, Бразил е прв во светскиот фудбал, пред актуелниот светски првак Аргентина и третопласираната од ланскиот Мундијал, селекцијата на Франција. Кај ракометарите води светскиот шампион Данска, пред третопласираната од годинашното Светско првенство, Шпанија, и планетарниот вицепрвак и олимписки шампион Франција.
Кај кошаркарите, светскиот првак Шпанија е во водство пред олимпискиот првак САД, а трета е Австралија. Кај одбојкарите води Полска, која љубителите на одбојката во Македонија ќе имаат можност да ја видат летово на ЕП во Скопје, во групата во која е и македонската селекција, пред актуелниот светски и европски првак Италија и репрезентацијата на Франција.
За македонските фудбалери од март следуваат нови предизвици, со настапот во квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија. Ракометарите пролетва продолжуваат во одличниот циклус квалификации за пласман на континенталниот шампионат в година, исто така, во Германија. Кошаркарската селекција овој месец треба да ги комплетира претквалификациите (по четири кола води без пораз), за пласман на Еуробаскет 2025 во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. Одбојкарската селекција, пак, во мај ќе дебитира во Европската златна лига, а потоа ја очекува третиот настап на европските првенства, каде што Македонија, заедно со Италија, Бугарија и со Израел, е кодомаќин. Г.И.


СВЕТСКИ РАНГ-ЛИСТИ

ФУДБАЛ
РЕПР. БОДОВИ
1. Бразил 1.840,77
2. Аргентина 1.838,38
3. Франција 1.823,39
4. Белгија 1.781,30
5. Англија 1.774,19
6. Хрватска 1.727
———————————————————————
65. Македонија 1.355
29. Србија 1.526,46
57. БиХ 1.403,51
62. Словенија 1.389,06
69. Црна Гора 1.339,15

РАКОМЕТ
1. Данска 2.142,9
2. Шпанија 2.068,4
3. Франција 2.054,9
4. Норвешка 1.955,4
5. Шведска 1.955,2
———————————————————————
8. Хрватска 1.783,1
9. Словенија 1.733,8
11. Србија 1.662,0
24. Македонија 1.436,5
29. Црна Гора 1.393,0
35. БиХ 1.271,3

КОШАРКА
1. Шпанија 758,6
2. САД 757,5
3. Австралија 740,3
4. Аргентина 734,3
5. Франција 715,0
6. Србија 710,9
7. Словенија 704,3
———————————————————————
18. Црна Гора 515,6
23. Хрватска 445,1
54. Македонија 204,3
35. БиХ 337,5

ОДБОЈКА
1. Полска 389,42
2. Италија 369,38
3. Франција 368,50
4. Бразил 360,67
5. Русија 357,10
———————————————————————
9. Словенија 268,10
11. Србија 253,34
32. Хрватска 130,05
41. Црна Гора 111,63
43. Македонија 102,07
52. БиХ 68,53