СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Трките во канадскиот Лејк Луис кон крајот на ноември и на почетокот од декември, кои се возат од 1980-та, ќе бидат последни во рамките на СК
Новата 2022/2023 сезона во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, традиционално започнува на 22/23 октомври, со велеслаломот (мажи и жени) во австрискиот зимски центар Зелден. Сезонава се предвидени повеќе од 90 трки, вклучувајќи ги и тие на Светското првенство (СП) во Куршевел и во Мерибел, Франција, од 6 до 19 февруари 2023 година.
Новина годинава се спуст-трките во машка и во женска конкуренција, со старт и со цел во две земји, во Швајцарија и Италија, на глечерот Цермат, во подножјето на Матерхорн. Машкиот спуст ќе се вози на 29/30 октомври, а женскиот на 5/6 ноември, со старт на 3.720 м н.в. (највисока стартна точка во СК) во Цермат, Швајцарија, и со цел на 2.835 м н.в. во Червино, Италија.
Друга новина е тоа што по повеќе од 40 години, од 1980-та, трките во канадскиот Лејк Луис кон крајот на ноември и на почетокот од декември ќе бидат последни во рамките на СК, на изненадување на скијачите, тренерите и на навивачите. Според Светската скијачка федерација (ФИС), една од причините за тоа е незаинтересираноста на Канаѓаните да продолжат да бидат домаќини на настанот. Најверојатно станува збор за финансиски аспекти, како и за термините на трките. Засега сѐ уште е нејасно дали во иднина ќе има трки во рамките на СК во Канада.
Лани големиот „кристален глобус“ наменет за најдобриот скијач во генерален пласман, за првпат го освои Швајцарецот Марко Одермат. Кај жените, пак, титулата ќе ја брани четирикратната победничка, Американката Микаела Шифрин. Л.Д.