ФУДБАЛ

Украина е заинтересирана да биде домаќин на Светското првенство (СП) во фудбал во 2030 година, заедно со Шпанија и со Португалија, пишува „Тајмс“.
Во партнерство со трите земји, Украина би била домаќин на една од групите на турнирот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, наводно, се залагал за кандидатурата, со одобрение од националните влади на Шпанија и на Португалија.

Според „Тајмс“, заинтересираноста на Украина би можела да помогне во борбата против заедничката понуда на Саудиска Арабија, Египет и на Грција. Кандидатурата на Саудиска Арабија би значела уште едно СП доцна наесен, како годинава, за разлика од Шпанија, Португалија и Украина, кои би биле домаќини на турнирот во лето.

Дополнително, откако годинашното СП ќе се игра во Катар, а следното, во 2026 година во САД, Канада и во Мексико, УЕФА би можела да побара исклучиво европска организација на СП во 2030 година. Друга потенцијална понуда би можела да ги вклучи земјите од Јужна Америка, на стогодишната од првото СП што се одржа во Уругвај, во далечната 1930 година. Л.Д.