Кугларите на Вардар

КУГЛАЊЕ – КУП НА НБЦ

Резултатот во Бачка Топола покажа дека можеме да се носиме и со многу поквалитетни екипи, вели кугларот на Вардар, Дарко Димитровски

Повеќекратниот кугларски првак на Македонија, Макпетрол, и Вардар, од вчера до сабота учествуваат на 20. Куп на НБЦ, трето по квалитет, но и најмасовно меѓународно натпреварување што годинава се одржува во Клуж, Романија. Во конкуренција на 25 екипи од 14 држави, македонските претставници ќе се обидат да остварат што подобар пласман во оваа силна конкуренција. По квалификациските натпревари, четирите најдобри одат во полуфиналето, а победниците во финалето, кое ќе се одигра в сабота.

Макпетрол ги оствари најголемите успеси во овој куп во Аугсбург (Германија) 2013, кога беше втор, и во 2014 во Еринген (Германија), кога заврши на четвртото место. Младен Донковски, Сашо Трпковски, Дарко Марковиќ, Ибрахим Мемеди, Милош Радојичиќ и другите се дел од играчите што се способни да остварат високи бројки на патеките.
– Нашите амбиции се високи, сонуваме за пласман меѓу четирите најдобри екипи. Ќе влеземе релаксирано на турнирот, а фаворитите нека размислуваат – вели Ибрахим Мемеди, тренер и играч на Макпетрол.

Вардар, пак, досега учествувал на сите три можни купови, а секако настапите на Светскиот куп во конкуренција на 14 најдобри екипи му се посебно драги. Пред да дојдат во Романија, на подготвителен меч во Бачка Топола, Србија, поставија нов неофицијален клупски рекорд од 3.645 соборени кегли. Стариот изнесуваше 3.608.
– Нашите очекувањата во Клуж се високи и покрај отсуството на двајца играчи од првиот тим. Резултатот во Бачка Топола покажа дека можеме да се носиме и со многу поквалитетни екипи. Сепак претешка е мисијата да се биде во топ четири во оваа конкуренција. Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме – вели искусниот куглар на Вардар, Дарко Димитровски.

Во Клуж, боите на Вардар ги бранат: Коста Ристевски, Бранко Митиќ, Тони Тодоровски, Драги Ѓорѓиовски, Пецо Димовски, Коста Манев, Дарко и Димитар Димитровски. Во женска конкуренција Македонија нема претставник. Г.И.