Весли Со

ВТОРО СП ВО ФИШЕРОВ ШАХ

На СП ќе настапат вкупно осум шахисти

Второто официјално Светско првенство (СП) во случаен шах или попознат како Фишеров шах, со награден фонд од 400.000 долари, ќе се одржи во Рејкјавик, Исланд (25-30 октомври). Познати се сите учесници, титулата од 2019 година ќе ја брани Американецот Весли Со (2.774 рејтинг-поени), а ќе настапи и вицешампионот од 2019 година, односно актуелниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.856).
– Многу сум возбуден што повторно ќе играм Фишеров шах, и тоа на Исланд, каде што ќе ја бранам титулата против најдобрите играчи во светот. Да играм во Рејкјавик, педесет години по мечот за светски првак помеѓу Фишер и Спаски, дава историска перспектива што не може да се спореди – изјави Со.

Магнус Карлсен како освојувач на второто место на првото вакво СП одржано во Осло, Норвешка, автоматски се квалификува. Другите учесници што дојдоа преку неколку квалификациски турнири се Русинот Јан Непомниашчи (2.793), Американецот Хикару Накамура (2768), Русинот Владимир Федосеев (2.688), Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.713), Германецот Матијас Блубаум (2.647) и Исланѓанецот Хјорвар Штајн Гртарсон (2.533), кој доби вајлд-карта за ова натпреварување, кое станува сѐ попривлечно во светот.

Случаен или т.н. Фишеров шах е варијанта на шаховска игра измислена од легендарниот Роберт Фишер, кој беше светски шампион од 1972-1975 година. Правилата на играта се исти како и за стандардниот шах, но се разликува по тоа што почетната позиција на фигурите се одредува компјутерски по случаен избор. Со тоа се намалува влијанието на теоријата на отворање и ги тера шахистите да размислуваат за развојот на партијата уште од првите потези. Г.И.