ТЕНИС – ВИМБЛДОН

Елена Рибакина стана првата тенисерка од Казахстан што триумфирала на гранслем-турнирот Вимблдон, со победата во финалето над Онс Жабер од Тунис со 3-6, 6-2 и 6-2. За двете тенисерки тоа беше прво големо финале во кариерите. Рибакина (23) стана најмладата шампионка на Вимблдон по Петра Квитова од Чешка во 2011 година, тогаш на 21-годишна возраст, и првата по Французинката Амели Морезмо во 2006 година, која по загубениот прв сет ја освоила титулата.
– Зборовите не можат да опишат колку сум среќна. Бев многу нервозна пред мечот, за време на мечот и да бидам искрена среќна сум што заврши. Прекрасно е да се биде победничка. Публиката беше неверојатна, чест е да се игра тука во оваа фантастична атмосфера. Сакам да ѝ честитам и на Онс, ти си ми инспирација, беше задоволство да се игра против тебе – рече Рибакина, 17-та носителка, која загуби само два сета на турнирот, во финалето и во четврт-финалето од Австралијката Ајла Томљановиќ. Л.Д.