Фото: Маја Јаневска-Илиева

Маратонската трка секогаш е непредвидлива до крајот и зависи од повеќе фактори. Но таму одам со ставот дека треба да дадам сѐ од себе, да истрчам најдобар можен резултат, се надевам и на нов македонски рекорд. Маратонот ми е омилена дисциплина, иако е најтешка, во неа најмногу се пронаоѓам, вели Поп Арсова, македонската рекордерка, која ќе настапи во маратонската трка на Светското првенство во САД, на 18 јули

АТЛЕТИКА – АДРИЈАНА ПОП АРСОВА

Генерално сум задоволна со моментната форма пред Светското првенство (СП) во САД. Подготовките се одвиваа во Скопје, на кејот на реката Вардар, планираните тренинзи во целост ги реализиравме, иако на високи температури, и верувам дека ефектот ќе се покаже на самата трка, вели Адријана Поп Арсова, единствената претставничка на Македонија на Светското првенство во атлетика во Јуџин (САД), каде што ќе трча маратон.
Поп Арсова, која е македонска рекордерка во маратон (време 2:35,29 часа), во придружба на тренерот Димитар Петровски в среда заминува за САД. Маратонската трка за атлетичарки на Мундијалот во Јуџин треба да се одржи на 18 јули.
– Во САД ќе имаме неколку дена за одмор и за аклиматизација на тамошните услови и се надевам дека сѐ ќе биде во ред. Маратонската трка секогаш е непредвидлива до крајот и зависи од повеќе фактори. Но таму одам со ставот дека треба да дадам сѐ од себе, да истрчам најдобар можен резултат, се надевам и на нов македонски рекорд. Маратонот ми е омилена дисциплина, иако е најтешка, во неа најмногу се пронаоѓам. Трчам и на други делници, но ниту една друга дисциплина не ме исполнува со толку многу емоции на среќа како маратонот, едноставно како да има некоја посебна магија – вели Поп Арсова.

Поп Арсова, освен во маратон, е државна рекордерка во полумаратон (1:18,50 час), во трките на 10 км (35:00,30 минути) и на пет километри (16:50,89 минути).
За релативно кратко време, од првиот маратон во кариерата, истрчан во Загреб (Хрватска) во октомври 2017 година (3:07,27 часа), па до маратонот во Копенхаген (Данска) во март годинава (2:35,29 часа), постојано ги подобрувате времињата.
– Големиот прогрес во изминатиов период се должи на вештините на мојот тренер Петровски, кој со својата стручност ме направи подобра атлетичарка, но и на мојата целосна посветеност на трчањето. Од почетокот работевме и сѐ уште работиме на сите недостатоци за кои претходно и не знаев дека ги имам – вели Поп Арсова.
Како се одвиваат подготовките на психолошки план, како се справувате со кризните ситуации во одредени делови на трката кога телото „не слуша“, како се мотивирате тогаш, што сѐ ви минува низ главата?
– Менталната состојба ја вежбаме на тренинзите и тоа се обидувам да го применувам и на трките. Генерално се фокусирам на дишењето, се обидувам да не паничам ако нешто не е во ред, да останам смирена и да не надвладеат негативните мисли. На маратонска трка знам дека ќе има тешкотии што ќе морам да ги надминувам, свесна сум за тоа однапред – рече Поп Арсова.
Кои се следните цели по настапот на Светското првенство? Што ве радува повеќе, првото место на трка или рекордно постигнување?
– По Светското првенство прво сакам добро да се одморам за да можам потоа освежена и со нова енергија да им се вратам на тренинзите. До крајот на годината планирам уште еден маратон, па затоа ќе се обидам да ја кренам формата на уште едно ниво. Инаку, посреќна ме прави рекордно постигнување од победа, но најдобра комбинација е прво место со најдобро лично време – изјави Поп Арсова.
Имате ли некоја омилена трка, односно патека, град… што ја паметите и зошто?
– Сите трки, секој постигнат успех или неуспех ме научиле на нешто ново и ме направиле подобра. Последниот маратон во Копенхаген ме одушеви со енергијата на публиката, која беше распоредена по должината на целата патека и која сите нѐ „носеше“, дури и во најтешките моменти. Таа енергија не се заборава, останува запаметена – рече Поп Арсова. Л.Д.