Оваа книга и проектот „Шах во училиштата“ треба да бидат катализатор за брз и квалитетен развој на македонскиот шах, вели нејзиниот автор ИМ Орце Данчевски

Книгата се создаваше две години, за на крајот како финален производ да ги задоволи највисоките критериуми за квалитет. Оваа книга и проектот „Шах во училиштата“ треба да бидат катализатор за брз и квалитетен развој на македонскиот шах, вели истакнатиот шаховски интернационален мајстор (ИМ) и шаховски тренер Орце Данчевски, на промоција на својата книга, прва шаховска книга за деца, насловена „Ајде да играме шах“.
Промоторка на книгата беше познатата македонска пејачка Андријана Јаневска, која патем е и шахистка. Оваа книга има сѐ што е потребно детето да го засака шахот и да го научи на најлесен можен начин преку игра.
– Голем број родители, пријатели, бивши и сегашни ученици ми направија голема чест со нивното присуство на промоцијата на мојата книга „Ајде да играме шах“. Се надевам дека успеавме да ги пренесеме љубовта и позитивната енергија што заедно со целиот тим ја внесовме во книгата, Игор и Викторија Егорови, професори по ликовна уметност на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Симона Ничева како дизајнер на книгата, која работи како креативна директорка во „Публицис“, Наташа Данчевска – коавторка и управителка на издавачката куќа „Икона“ и јас како шаховски стручњак – ни изјави Данчевски.
За тоа дали оваа книга ќе биде потстрек за обид да се продолжи со пишување и следна книга, Данчевски вели: „Тоа не зависи од мене, туку ако успеам да создадам уште еднаш ваков квалитетен тим соработници, тогаш со сигурност ќе има и други шаховски книги од моето долгогодишно искуство како активен шахист, шаховски тренер и наставник по шах“. Г.И.