Фото: ЕПА

Наполи се среќава со Брага, Манчестер с. почнува да ја брани европската титула со меч со Црвена звезда, Баерн – Манчестер ј. и Феенорд – Селтик се репризи на некои претходни финалиња, најтрофејниот клуб Реал Мадрид игра со дебитантот Унион Берлин… Тоа се некои од двојките во првото коло во новата сезона на најсилното европско клупско натпреварување неделава, чие финале рекорден осми пат треба да се игра на стадионот „Вембли“ во Лондон

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Со натпреварите Милан – Њукасл и Јанг Бојс – Лајпциг (двата утре од 18.45 часот) почнува новата сезона, вкупно 69-та на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, 32. откако се игра под името Лига на шампионите (ЛШ) и последна според актуелниот формат со учество на 32 екипи. Наполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас ќе гостува кај Брага, актуелниот европски првак Манчестер сити почнува да ја брани титулата со меч со Црвена звезда дома, на програмата е дербито на гиганти и реприза на некогашно финале, Баерн – Манчестер јунајтед, потоа натпреварот помеѓу најтрофејниот клуб, 14-кратниот континентален првак Реал Мадрид и дебитантот во натпреварувањето Унион Берлин, како и уште еден дуел што е своевидна реприза на минато финале, Феенорд – Селтик. Тоа се само некои од двојките во првото коло на ЛШ, чие финале рекорден осми пат треба да се игра на стадионот „Вембли“ во Лондон.
Наполи во групата Ц ќе игра и со Реал Мадрид и со Унион Берлин, кој е нов дебитант од Германија, која имаше дебитанти и во сезоната 2022/2023 (Ајнтрахт), 2018/2019 (Хофенхајм), 2017/2018 (Лајпциг), 2015/2016 (Борусија М.)… Германија е рекордер според бројот на тимови што настапиле во групната фаза на ЛШ, вкупно 15, два повеќе од Шпанија.
Унион Берлин бележи метеорски подем, откако беше осми во Втората лига на Германија кога Реал Мадрид ја освои 13-та европска титула пред пет години, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Антверпен (Белгија), пак, во елитното клупско натпреварување се враќа по пауза од 66 години.
Баерн и Манчестер јунајтед досега 11 пати играле меѓу себе во Лигата на шампионите, а еднаш во финалето, во 1999 година (победи Манчестер јунајтед, со пресврт, со 2-1, во Барселона), кога се сретнаа меѓу себе и во групната фаза. Феенорд и Селтик, пак, играа за трофејот во 1970 година (победи Феенорд, со пресврт, 2-1, во Милано) и тоа е досега единствен меѓусебен меч на двата тима во најсилното клупско натпреварување (порано со име Куп на шампионите).
Од сезоната 2024/2025 во Лигата на шампионите ќе настапуваат по 36 екипи, во една група, а предвидено е секој тим да одигра осум натпревари според т.н. швајцарски систем, пред пласманот во осминафиналето. Н.М.


Ќе настапат вкупно 18 европски прваци во сите трите купа на УЕФА

Во новата сезона на фудбалските купови на Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе настапат 18 од 23-те досегашни европски шампиони. Така, во Лигата на шампионите (ЛШ) ќе играат рекорден број поранешни европски прваци, вкупно 14, колку што имаше и во сезоните 2013/2014 и 2022/2023. Најмалку прваци, осум, играа во сезоната 2000/2001.
Во трка за нов европски трофеј сезонава влегуваат актуелниот првак Манчестер сити (една титула), потоа најтрофејниот Реал Мадрид (14), како и Милан (седум), Баерн (шест), Барселона (пет), Интер, Манчестер јунајтед (по три), Бенфика, Порто (по два), Селтик, Феенорд, ПСВ Ајндховен, Црвена звезда и Борусија Дортмунд (по еден). Од другите некогашни континентални шампиони, од четврток во Лига Европа ќе се натпреваруваат Ливерпул (шест европски титули), Ајакс (четири) и Марсеј (една), а во Конференциската лига ќе настапи Астон вила (една).


ЛШ, ПРВО КОЛО

ВТОРНИК
Група Е
Феенорд – Селтик 21 ч.
Лацио – Атлетико М. 21 ч.
Група Ф
Милан – Њукасл 18.45 ч.
ПСЖ – Борусија Д. 21 ч.
Група Г
Јанг Бојс – Лајпциг 18.45 ч.
Манчестер с. – Црвена звезда 21 ч.
Група Х
Барселона – Антверпен 21 ч.
Шахтер – Порто 21 ч.

СРЕДА
Група А
Галатасарај – Копенхаген 18.45 ч.
Баерн – Манчестер ј. 21 ч.
Група Б
Севилја – Ленс 21 ч.
Арсенал – ПСВ Ајндховен 21 ч.
Група Ц
Реал М. – Унион Берлин 18.45 ч.
Брага – Наполи 21 ч.
Група Д
Бенфика – Салцбург 21 ч.
Сосиедад – Интер 21 ч.