Во наредните две години под ризик се корисниците на кредити со променлива каматна стапка, која е значително повисока од фиксираната. Експертите сметаат дека колку подолго трае високата стапка на инфлацијата, толку е поголема веројатноста за пропаѓање во спиралата дека граѓаните ќе бараат повисоки плати, а компаниите зголемени цени

Моќта на инфлаторната спирала, ниската ефективност на мерките против неа и надолниот тренд на стопанството

Европската централна банка ги зголеми трите клучни каматни стапки за нови 25 базични поени. Оттаму велат дека инфлацијата продолжува да опаѓа, но сепак се очекува да остане предолго висока.
– Управниот совет силно се залага за што поскоро враќање на инфлацијата на среднорочната цел од два отсто – се вели во соопштението на ЕЦБ.
Зголемувањето на каматните стапки произлегува од оцената на Управниот совет за изгледите за инфлација врз основа на новите економски и финансиски податоци, динамиката на базната инфлација и силата на преносот на монетарната политика. Во септемвриските макроекономски проекции на експертите на ЕЦБ за еврозоната се предвидува просечна инфлација од 5,6 отсто во 2023 година, 3,2 отсто во 2024 година и 2,1 отсто во 2025 година. Тоа е нагорна ревизија за 2023 и 2024 година и надолна ревизија за 2025 година.
– Нагорната ревизија за 2023 и 2024 година главно произлегува од повисоките нивоа на цените на енергијата. Основните ценовни притисоци сѐ уште се силни, иако повеќето показатели почнаа да се намалуваат. Експертите на ЕЦБ ги ревидираа и малку ги намалија прогнозираните нивоа на инфлација без енергија и храна, на просечни 5,1 отсто во 2023 година, 2,9 отсто во 2024 година и 2,2 отсто во 2025 година. Силниот пренос на претходните прогнози продолжува. Зголемување на каматните стапки врз основа на одлуките на Управниот совет – се посочува во соопштението и се додава дека условите за финансирање се дополнително заострени и имаат сѐ понеповолно влијание врз побарувачката, што е важен фактор за враќање на инфлацијата на целното ниво.
Имајќи го предвид растечкото влијание на тоа заострување врз домашната побарувачка во контекст на слабеењето на меѓународната трговија, експертите на ЕЦБ значително ги намалија проекциите за економски раст. Тие сега предвидуваат дека економијата на еврозоната ќе расте со стапка од 0,7 отсто во 2023 година, еден отсто во 2024 година и 1,5 отсто во 2025 година.

Врз основа на досегашната оцена, Управниот совет смета дека клучните каматни стапки на Европската централна банка се на нивоа што, доколку се одржуваат доволно долго, ќе дадат значителен придонес за што поскоро враќање на инфлацијата на целното ниво.
Управниот совет во идните одлуки ќе ги утврдува нивоата на клучните каматни стапки на ЕЦБ, кои ќе бидат доволно рестриктивни онолку долго колку што е потребно. При определувањето на соодветното ниво и времетраењето на заострувањето, Советот ќе продолжи да применува пристап заснован на податоци.
– Имено, нејзините одлуки за каматните стапки ќе зависат од процената на инфлаторните перспективи врз основа на новите економски и финансиски податоци, како и од динамиката на базната инфлација и силата на преносот на монетарната политика – се посочува во соопштението на ЕЦБ.
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, за зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на рекордни четири отсто, изјави дека не може од сега да ги прогнозира следните чекори на банката, имајќи предвид дека еврозоната минува низ долг период на многу бавен раст и покрај увереноста дека растот ќе се засили следната година.
– Не можеме да кажеме ништо сега кога сме на високи вредности – додаде Лагард, посочувајќи дека ажурираните прогнози на ЕЦБ предвидуваат просечна инфлација во 2025 година од над два отсто.

Економистот на Дојче банк, Марк Вал, смета дека и покрај сигналите дека ова е последно покачување, нема гаранција дека тоа навистина ќе биде така, имајќи предвид дека инфлацијата сѐ уште не е победена.
Според него, ваквите резерви се резултат на неодамнешниот нов раст на цената на нафтата, која достигна највисоко ниво во последниве 10 месеци од над 93 долари за барел.
Сепак, главниот аналитичар на „Блумберг адрија“, Андреј Кнез, неодамна процени дека зголемените каматни стапки нема брзо да се намалат.
– Постои можност ЕЦБ да почне да ги намалува стапките веќе следната година (во зависност од динамиката на повлекување на вишокот ликвидност од системот). Но, дури и тогаш, просечното ниво на стапки барем до 2025 година ќе биде нешто повисоко отколку што мислевме досега – смета Кнез.
Тоа значи дека во наредните две години под ризик се корисниците на кредити со променлива каматна стапка, која е значително повисока од фиксираната.
Експертите сметаат дека колку подолго трае високата стапка на инфлацијата, толку е поголема веројатноста дека граѓаните ќе бараат повисоки плати, а компаниите зголемени цени.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека досегашните одлуки на Народната банка за зголемување на основната каматна стапка, како и другите мерки за нормализација на монетарната политика придонесоа за намалување на инфлацијата, но и за стабилизирање на девизниот пазар и раст на девизните резерви. Сепак, ризиците сѐ уште постојат, поради што, како што вели гувернерката, Народната банка треба и натаму да води претпазлива политика и да ги презема неопходните мерки.
– Одлуките за промена во каматните стапки се донесени во услови на постепена стабилизација, но и понатаму постојат ризици, поради што е оценето дека има потреба од понатамошна претпазливост во водењето на монетарната политика. Со оглед на применуваната монетарна стратегија, при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), која на последниот состанок донесе одлука за дополнително зголемување на каматните стапки – велат од НБРМ. К.М.