Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април) ви ги претставуваме досегашните циклуси

ШАХ – ИСТОРИЈА НА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ (9)

Турнирот на кандидатите, последниот тест што шахистот мора да го помине за да го предизвика светскиот шампион во шах, има богата историја, која датира од 1950 година. Овој настан се појави како одговор на потребата од систематски пристап за одредување на предизвикувачот на светскиот првак. Пред 1950 година, кандидатите мораа да се движат низ лавиринтот од преговори директно со шампионот, да обезбедат финансирање и да организираат меч, односно процес што немаше структура и конзистентност, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април) ви ги претставивме досегашните циклуси (во претходните продолженија ги претставивме турнирите од 1953 до 2018 година).
На осум велемајстори им требаше повеќе од една година да го откријат следниот кандидат за светската титула. Овој турнир стана најдолготрајниот спортски настан во историјата, почнувајќи од март 2020 и завршувајќи во април 2021 година. Покрај Французинот Максим Вашер-Леграв, се појави уште еден моќен „играч“ по име „Новел Коронавирус“. Пред почетокот Русија, а особено Екатеринбург, регистрира само неколку случаи на ковид-19. Азербејџанецот Тимур Раџабов, кој се повлече поради загриженост од пандемијата, беше заменет со Вашер-Леграв, а турнирот почна со голем број медицински мерки на претпазливост. Шахистите ја завршија првата половина од турнирот, а Вашер-Леграв и Русинот Јан Непомнијашчи се најдоа во водство, кога руската влада објави дека го затвора воздушниот сообраќај со другите држави. Турнирот мораше да биде прекинат, а играчите итно заминаа. ФИДЕ направи неколку обиди да го продолжи турнирот, но на крајот, дури 13 месеци подоцна играчите се вратија во Екатеринбург. Во второто полувреме, светскиот шахист број четири, Непомнијашчи, доби уште две партии и го освои првото место едно коло пред крајот на турнирот. И покрај ветувачкиот почеток, тој загуби со 3,5-7,5 на дуелот со актуелниот светски првак Магнус Карлсен, кој се играше во Дубаи (ОАЕ). Така, Норвежанецот четврт пат ја одбрани титулата.

ВТОРОТО ДОАЃАЊЕ НА НЕПОМНИЈАШЧИ (МАДРИД, 2022 Г.)

Овој настан се истакна по тоа што второто место значеше речиси еднакво како и првото. Карлсен навести (што подоцна и го потврди) дека нема да ја брани шампионската титула. Осум врвни велемајстори одиграа 56 партии во Мадрид. Турнирот на кандидатите заврши со убедлива победа на Непомнијашчи (9,5 поени од 14 партии). Американецот Хикару Накамура за малку го пропушти второто место, а Кинезот Динг Лирен почна со пораз од Јан, а потоа имаше серија од седум ремија пред да се врати во вториот дел од турнирот и да го освои второто место. Овој успех на крајот го одведе до меч за светската шаховска круна во 2023 година. Лирен победи и стана првиот Кинез што ја освои светската титула, во мошне неизвесен меч.

НОВО ПОГЛАВЈЕ – ТОРОНТО (2024)

Новото поглавје на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак ќе биде напишано во Торонто (Канада), во април годинава. Не само што овој настан ќе ја одбележи инаугуративната пригода на женските кандидатки што ќе се одржуваат паралелно со опен-турнирот туку ќе биде и прв турнир што ќе се игра во Северна Америка. Г.И.

(Крај)