Фото: „Нова Македонија“

Технологијата и целиот онлајн пристап се развиваат. За време на пандемијата го видовме овој шаховски бум. Совршено ја гледам врската помеѓу пандемијата и ѕвездите во подем на многу рана возраст. Секој талент што сака да биде професионален шахист, сега е на најдоброто место и во најдобрата ера. Друг клучен фактор е што тие можат да играат онлајн против врвни играчи. Најголемата грешка е да најдеш ривали што ги победуваш. Од победа не учиш. Многу е подобро да изгубиш партии и да добиеш шанса да се подобриш, вели ВМ Петер Леко

ШАХ

Шаховската игра е сведок на фасцинантен тренд. Новото истражување на специјализираниот шаховски портал „Чес.ком“ покажува дека велемајсторите (ВМ) сега ги постигнуваат своите титули на порана возраст од кога било. Дали шаховскиот свет ќе види деца на 10 или 11 години да станат ВМ во следните неколку години? Лани имаше пораст на децата што постигнуваат извонредни резултати. Рекордите што би изгледале ненадминати пред само пет-10 години не се толку отпорни како што некогаш се мислеше и само прашање на време е кога пак ќе бидат надминати.
Ќе наброиме неколку примери. ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Фаустино Оро, лани на девет години и три месеци стана најмладиот шахист досега со рејтинг од 2.300 поени, и е најмладиот што некогаш постигнал интернационална норма (ИМ). ЖВМ од Англија, Бодана Сивананандан (Англија), победи на СП за девојчиња до осум години во класичен, забрзан и во брз шах (33 победи од 33 партии) и стана прва шампионка на Англија во шах за млади во претходните 25 години. Таа сега е највисокорангирана шахистка на светот до девет години. Ашват Каушик го собори рекордот за најмлад играч што победил ВМ во класичен шах, еден месец откако Леонид Ивановиќ го собори претходниот од 2012. Роман Шогџиев победи пет ВМ на СП во забрзан и брз шах во 2023 година.
Резултатите се чини дека се дел од новиот тренд како што покажа истражувањето на „Чес.ком“, кое ја разгледува возраста на играчите што ја освојуваат титулата ВМ. Додека просечната возраст за шахистите што ја постигнаа титулата ВМ беше 30 години (помеѓу 1975-1979), сега падна на 22,8 години (помеѓу 2020 и 2024). Највисоката возраст за нов ВМ беше 32,8 години во 1977 година. Повеќе од четири децении подоцна, во 2021, просечната возраст е на рекордно ниско ниво од 20,9 години. Десет шахисти чекаат одобрување на ВМ-титула. Просечната возраст е намалена на 21,4 година, втора најниска досега.

УЧЕЊЕТО ШАХ Е КАКО УЧЕЊЕ ЈАЗИК

Но зошто гледаме експанзија на уште помлади шаховски таленти?
– Ова е нешто што мислам дека ќе го гледаме повеќе со текот на времето. Многу деца одат кон ИМ, ВМ, а можеби и на највисокото ниво. Шахисти што почнаа да играат за време на пандемијата – смета ВМ Хикару Накамура.
Поранешниот светски шахист број четири и предизвикувач на светски првак, ВМ од Унгарија Петер Леко, кој стана најмладиот ВМ во 1992 година на 14 години, изјави за „Чес.ком“ дека ова е сосема логично.
– Технологијата и целиот онлајн пристап се развиваат. За време на пандемијата го видовме овој шаховски бум. Совршено ја гледам врската помеѓу пандемијата и ѕвездите во подем на многу рана возраст. Учењето шах е како учење јазик. Колку порано почнете да го учите, толку е полесно да го научите. Во 20-тите години станува многу потешко да продолжите – вели Леко.
Леко го следеше подемот на новата генерација. Беше посветен да стане професионален шахист на девет години, учејќи и до 10 часа дневно. Во 90-тите, кога Леко растеше, врвните шахисти се потпираа на шаховските информатори, компилација од врвни партии што излегуваа на четири-шест месеци.
– Веќе знаевте кој од деновите може да дојде информаторот. Следните недели ќе имам тони работа. Сега овие работи се достапни со само неколку кликнувања со глувчето. Секој талент што сака да биде професионален шахист сега е на најдоброто место и во најдобрата ера. Друг клучен фактор е што тие можат да играат онлајн против врвни играчи. Најголемата грешка е да најдеш ривали што ги победуваш. Од победа не учиш. Многу е подобро да изгубиш партии и да добиеш шанса да се подобриш – вели Леко.

ЌЕ ВИДИМЕ ЛИ УШТЕ ПОМЛАДИ ВМ?

Минималната возраст за новите ВМ опаѓа. Најмлад ВМ засега е Индиецот Абхиманју Мишра, кој ја освои на 12 години, четири месеци и 25 дена (во 2021 година), соборувајќи го рекордот на Русинот Сергеј Карјакин, кој опстојуваше 19 години. Само пет шахисти ја освоија титулата ВМ пред својот 13-ти роденден. Леко не исклучува дека со брзиот развој на децата деновиве и како резултат на ширењето на пандемијата, шаховскиот свет во иднина ќе гледа дури и деца ВМ на 10 или 11 години. Сепак, тој чувствува дека се дава преголемо внимание на титулата, наместо да се развива како шахист.
– Кога Мишра стана најмладиот ВМ тоа воопшто не ме допре. Не ми беше грижа, оти секој рекорд ќе биде соборен. Но многу поинтересно е прашањето колку добро ќе се развива потоа. Причината поради која сум многу импресиониран од Мишра, е тоа што тој продолжува да се подобрува точно како што треба за да биде еден суперталент. Не ми е грижа за неговата титула ВМ, но сега тој надмина 2.600 и се движи кон 2.650 рејтинг-поени на толку рана возраст. Ова е тоа што ме импресионира – рече Леко.
Мишра наполни 15 години во февруари, сега има рејтинг 2.627 поени и е на 11-то место меѓу најдобрите светски шахисти до 20 години.
Фасцинирањето со шаховските чуда датира од 19 век и појавата на Пол Морфи, за кој се вели дека научил шах гледајќи како играат други. Во 20 век се појавија Боби Фишер и Гари Каспаров, во 21 век Магнус Карлсен уште од рана возраст беше наречен шаховско чудо. Сепак, Норвежанецот е самокритичен за тоа како луѓето предвидуваа дека рано ќе стане шампион.
– Мислам дека е глупост да се види тоа врз основа на таа конкретната партија што ја одиграв против Каспаров. Но има нешто во тоа дека луѓето не сакаат да веруваат во она што самите не го гледате. Дури и јас не можам да проценам кога ќе ги видам децата. Треба да поминат уште неколку години додека не видам дали таа личност го има она што е потребно за да стигне до врвот – вели Карлсен.
Леко се согласува со Карлсен.
– Апсолутно е точно она што го вели Магнус. Се обидуваме да создадеме многу големи ѕвезди, но е важно и да ги заштитиме. Немојте да мислите дека ако победуваат ВМ, стануваат број еден. Ова е веќе сензационално, дел од развојот, а секој вид развој ќе има тешки моменти – појаснува Леко. Г.И.