Фото: Маја Јаневска-Илиева

Моторниот бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 од ноќеска на полноќ поскапува за 1,5 денари за литар, а за денар дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе изнесува 87 денари за литар, на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 77 денари, а 76 денари ќе чини литар Екстра лесно. Не се менува цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС – 95, односно ќе се продава по 85 денари за литар.

Поскапување има и кај мазутот М-1 НС чија малопродажна цена се зголемува за 0,979 денари за килограм и ќе  изнесува 44,776 денари.

Со Одлуката на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,33 проценти во однос на одлуката од 22. месецов.

– Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,940 проценти, кај дизелот за 1,082 проценти, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 1,316 проценти и кај мазутот зголемувањето е за 2,483 проценти. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој се формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,028 проценти – образложуваат од РКЕ.