Полска ја освои титулата на последните две СП, во 2014 и во 2018 година, двапати победувајќи го Бразил во финалето

ОДБОЈКА

Полска и Словенија ќе бидат домаќини на Светското првенство (СП) во одбојка за мажи што годинава треба да се одржи од 26 август до 11 септември, објави полскиот премиер Матеуш Моравјецки, на својот твитер-профил. Интернационалната одбојкарска федерација (ФИВБ), која ѝ ја одзеде организацијата на завршниот турнир на Русија во март, поради воените дејства во Украина, треба официјално да ја потврди оваа измена.
Полска беше домаќин на Европското првенство (ЕП) за мажи лани, заедно со Чешка, Естонија и со Финска. Полјаците се трикратни и актуелни светски прваци, со тоа што последните две титули по ред ги освоија во 2014 г., кога беа домаќини на завршниот турнир, и во 2018 година, на турнирот што се одржа во Италија и во Бугарија, победувајќи го Бразил двапати во финалето.

На годинашното СП треба да настапат 24 репрезентации. Во групата А се Србија, Тунис, Украина и Порторико, а во групата Б, Бразил, Јапонија, Куба и Катар. Бранителот на титулата, Полска, е во групата Ц со САД, Мексико и со Бугарија, а актуелниот олимписки шампион Франција е во групата Д со Словенија, Германија и со Камерун. Бронзениот медалист од Токио 2020, Аргентина, е во групата Ф, со Иран, Холандија и Египет, а во групата Е се актуелниот европски првак, Италија, Канада, Турција и Кина. Двете првопласирани од шесте групи, плус четирите третопласирани со најдобар резултат ќе ги продолжат натпреварите во нокаут-рундата и ќе се борат за медали.