Во денешното прво полуфинале играат Ливерпул – Сити, а утре се среќаваат
Челси – Кристал палас

ФУДБАЛ, ФА-КУП

По само шест дена од првенствениот меч и ремито, 2-2 на „Етихад“, претендентите за титулата во Премиер-лигата, Ливерпул и Манчестер сити, попладнево (16.30 ч.) повторно ќе се сретнат, овој пат во полуфиналето на ФА-купот на „Вембли“. Двете екипи се пласираа и во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), што значи дека сезонава остануваат во „игра“ за освојување на повеќе трофеи. Манчестер сити атакува на тројната круна, со што би се изедначил со градскиот ривал Манчестер јунајтед, кому тоа му успеа во сезоната 1998/99. За Ливерпул, пак, тоа би била незабележана „четворка“ триумфи, во Лига и во ФА-купот, во Премиер-лигата и во ЛШ!

Во второто полуфинале утре попладне (17.30 ч.), исто така на „Вембли“, ќе играат лондонските ривали, Челси и Кристал палас. За Челси, тоа е шанса за ново финале и евентуален триумф по разочарувачкиот пораз лани од Лестер и последен обид за освојување трофеј сезонава. За Кристал палас, победата над Челси ќе значи трето ФА-куп финале во клупската историја. Претходно во двете финалиња, во 1990 и во 2016, Кристал палас загуби од Манчестер јунајтед.
Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија беше критикувана поради одлуката денешниот меч Ливерпул – Манчестер сити да се игра на „Вембли“, иако железничките врски со северозападниот дел на Англија се во прекин за време на велигденскиот викенд поради инженерски работи. Во една анкета направена деновиве, повеќе од две третини или 68 отсто од фудбалските навивачи во Англија и во Велс ја поддржуваат идејата за преместување на идните полуфинални натпревари од ФА-купот на неутрални терени, надвор од „Вембли“ и од Лондон, каде што се играат од сезоната 2007/2008.

Претходно, полуфиналињата се играа и на други стадиони, на „Вила парк“ во Бирмингам и на „Олд Трафорд“ во Манчестер. Одлуката на ФА да ги префрли полуфиналињата на „Вембли“ првенствено беше финансиска, за да се надоместат дел од трошоците за изградбата на новиот национален стадион.