Фото: „Нова Македонија“

Партиите ќе бидат директно пренесувани на првите 60 табли, а во живо ќе ги коментираат ВМ Алојзије Јанковиќ и Драгана Николовска. За првпат ќе се одржи и ЕП во т.н. Фишеров шах, со што Македонија ќе влезе во историјата на шахот како промотор на нови идеи, вели Зоран Стојчевски, директор на турнирите

ШАХ – ОД ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ

По 2018 година, Скопје по вторпат ќе биде домаќин на Европско првенство во забрзан, брз и за првпат во т.н. Фишеров шах, кое ќе се одржи од денеска до вторник во хотелот „Континентал“, а љубителите на древната игра во Македонија ќе можат да уживаат во партиите на многу врвни шахисти и шахистки. ЕП во забрзан шах е прво на распоредот и ќе се игра денеска и утре во 11 кола (швајцарски систем) со темпо од 15 минути плус 10 секунди за секој потег по играч. ЕП во брз шах ќе се одржи во понеделник во 13 кола (швајцарски систем) со темпо од три минути плус две секунди за секој потег по играч. И за првпат официјално ќе се одржи и ЕП во т.н. Фишеров шах или шах 960 (каде што компјутерски се поставува почетната позиција на фигурите на таблата н.з.), во вторник во 11 кола (швајцарски систем), со темпо од 10 минути плус пет секунди за секој потег по играч. Сите турнири ќе започнуваат во 11 часот. Вкупниот награден фонд на турнирите е 47.000 евра, плус 3.000 евра наменети за специјални награди. Така, за ЕП во забрзан шах е 20.000 евра (победникот 4.000 евра), на ЕП во брз шах 12.000 евра (победникот 2.500 евра), додека на ЕП во Фишеров шах 15.000 евра (победникот 2.500 евра). Првите 20-на во сите три категории ќе бидат парично наградени. Главен судија на ЕП е Саша Јевтиќ од Србија, а директор на турнирите, на кој нема ограничување на бројот на учесници по федерација, е Зоран Стојчевски.
– Сѐ е подготвено за големиот шаховски настан во Скопје. Партиите на првите 60 табли ќе бидат директно пренесувани на интернет, а во живо ќе коментираат хрватскиот ВМ Алојзије Јанковиќ и македонската шахистка Драгана Николовска. За првпат ќе се одржи и ЕП во т.н. Фишеров шах, со што Македонија ќе влезе во историјата на шахот како промотор на нови идеи – ни изјави Зоран Стојчевски, директор на турнирите.
На ден до почетокот на ЕП во забрзан шах беа пријавени 405 учесници од 39 држави (63 ВМ, три ЖВМ). Прворангиран е ВМ од Чешка, Давид Навара (2.683), а најдобро рангиран Македонец е ИМ Дејан Стојановски (2.486, 43.). Кај шахистките е ВМ од Бугарија Антоанета Стефанова (2.401, 66.), а Македонка, ЖФМ Моника Стојковска (1.915, 228.), од вкупно 56 шахистки.
На ЕП во брз шах пак, беа пријавени 361 учесник од 39 држави (60 ВМ, три ЖВМ). Прворангиран е ВМ од Србија, Алексеј Сарана (2.689), а најдобро рангиран Македонец е Стојановски (2.543, 33.). Кај шахистките е Стефанова (2.392, 73.), а македонска претставничка, Катерина Петровска (1.896, 259.) од 49 шахистки. Титулите од 2023 во Загреб ги бранат Сарана во забрзан шах (настапија 439 шахисти, 55 ВМ) и Навара во брз шах (559 учесници, 48 ВМ) од 40 шаховски федерации.
На ЕП, пак, во Скопје во 2018 во забрзан шах славеше Русинот Валериј Попов (меѓу 409 учесници од 37 држави, 64 ВМ, три ЖВМ), а најдобар македонски шахист, петти, беше ВМ Кирил Георгиев. На ЕП во брз шах победи Русинот Владислав Артемиев, а најуспешни Македонци беа Кирил Георгиев 30-ти и ИМ Дејан Стојановски 36-ти (324 играчи, 37 држави, 61 ВМ, три ЖВМ). Г.И.


Големи шаховски манифестации во Македонија

  • Интернационален зонски турнир за жени во 1971 година во Охрид
  • Шаховската олимпијада 1972 во Скопје (63 држави, 373 шахисти, 35 ВМ), одиграни 2.660 партии
  • Три Турнири на солидарноста (1967-1976) во Скопје, Охрид и Крушево, победници Лав Полугаевски, Роберт Фишер и Анатолиј Карпов
  • Поединечно ЕП во 2001 година во Охрид
  • Европски клупски куп (ЕКК) во 2009 година во Охрид
  • Поединечно ЕП во забрзан и брз шах во 2018 година во Скопје
  • Светски конгрес во решавање шаховски проблеми во 2018 во Охрид
  • Поединечно ЕП во 2019 година во Скопје
  • Европски клупски куп (ЕКК) во 2021 година во Струга
  • Екипно СП за ветерани (над 50 и над 65 год.) во 2023 година во Струга