Тие викендов на Европскиот куп (ЕК) во џудо за јуниори, во конкуренција на 268 учесници од 18 држави, остварија по една победа и пораз

Македонските претставници Христијан Глигороски и Лилјана Недановска изминатиот викенд настапија на Европскиот куп (ЕК) во џудо за јуниори, во Сараево (БиХ), во конкуренција на 268 учесници (166 џудисти и 102 џудистки) од 18 држави. И двајцата остварија по една победа и пораз, со тоа што Недановска доби можност во репасажната борба, информираат од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
Глигороски (во тежинската категорија до 81 кг) во првата борба со ипон го победи домашниот претставник Орхан Рекиќ, а во втората борба беше поразен од Французинот Жасон Окоје, но откако добил три казни.
Недановска, пак, која настапи во категоријата до 63 кг, во првата борба ја совлада Марија Лулеџија од БиХ, а во втората претрпе пораз од полската претставничка Мартина Глубијак, која била и шампионка во оваа категорија. Во репасажната борба Недановска загубила од Црногорката Уна Спадијер.
Македонските репрезентативци, предводени од в.д. селекторот Александар Фузевски и тренерот на ЏК Преспа, Борче Недановски, остануваат на тренинг-кампот во Сараево, кој почна вчера и ќе трае до утре. Г.И.