Имавме успешни подготовки со една од најуспешните карате-репрезентации во Европа и во светот, хрватската. Лично сум задоволен како поминаа овие подготовки, имавме прекрасни услови во Охрид, вели репрезентативецот Павлов, во пресрет на Мундијалот во Будимпешта од 24 октомври
Македонската и хрватската сениорска карате-репрезентација успешно ги завршија заедничките подготовки во Охрид, кои се одвиваа од 5 до 10 октомври, а во рамките на предвидениот план пред настапот на Светското првенство (СП) во Будимпешта (Унгарија, 24-29 октомври).
– Имавме успешни подготовки со една од најуспешните карате-репрезентации во Европа и во светот, хрватската. Лично сум задоволен како поминаа овие подготовки, имавме прекрасни услови во Охрид. Мојата форма е во нагорна линија и се надевам на успешен настап на претстојното Светско првенство во Будимпешта – вели најдобриот македонски каратист Емил Павлов, трикратен европски првак и носител на сребрен медал од СП 2021 во Дубаи (ОАЕ, во категоријата до 67 кг).
Во план се и завршни подготовки на македонската репрезентација во Дојран, пред заминувањето на СП. Од македонската страна на овие подготовки присуствуваа в.д. претседателот на КФМ, Бесник Мурати, селекторот за борби Александер Кузмановски, неговиот помошник Мартин Несторовски, како и каратистите Михаела Мишовска (категорија до 50 кг), Вероника Костовска (до 61 кг), Јована Георгиева (до 55 кг), Ангела Мојсовска (до 58 кг), Бојана Манева (над 68 кг), Григор Хаџи-Кимов (до 75 кг), Мурсел Мисини (до 75 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи (над 84 кг), Емил Павлов (до 67 кг), Витомир Трајковски (до 84 кг), Стефан Стојановиќ (над 84 кг) и Петар Спасеновски (до 84 кг). Хрватската репрезентација во Охрид ја сочинуваа Зденко Хорват, репрезентативен координатор, тренерите Дубравко Колец, Данијел Вучиќ, Даниeл Домѓони и Есад Гарибовиќ, како и каратистите Ноа Румењак, Боран Берак, Иван Мартинац, Енес Гарибовиќ, Анџело Квесиќ, Карло Рагуж, Звонимир Живковиќ, Леон Томљеновиќ, Иван Квесиќ, Ема Сгарделиќ, Александра Хасани, Лаура Лисац, Садеа Бечировиќ, Луција Лесјак, Леа Вукоја и Николина Голомбош, информираат од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ). Г.И.