Со девет години и три месеци, тој сега е најмладиот играч што некогаш имал рејтинг од најмалку 2.200, според истражувањето на „Чес“. Претходниот рекордер беше ФМ од Аргентина, Фаустино Оро, кој неодамна стана најмладиот интернационален мајстор (ИМ), со 10 години, осум месеци и 16 дена
Деветгодишниот Итан Панг од Лондон (Велика Британија), шаховското чудо, штотуку го исполни сонот по серијата неверојатни резултати што му ги донесоа титулата кандидат мајстор (КМ) и рекордот за најмлад играч што некогаш ја надминал бариерата од 2.200 рејтинг-поени. Панг, ученик во Вестминстер, училиштето во срцето на Лондон, откога наполни девет години во март, само на три турнири освои неверојатни 334 рејтинг-поени (р.п.), со што неговиот рејтинг брзо порасна од 1.878 до 2.212 поени.
Во јуни Панг на тимски шампионат освои 48 р.п., а неговиот најдобар резултат беше ремито со ИМ Ален Мери (2.493). Панг нема пораз во претходните 16 партии со класично темпо на игра, пишува шаховскиот сајт „Чес“. Панг научи да игра во училишниот шаховски клуб на пет години. Кога имал само седум одржал реми-позиција против двократниот британски шампион, ВМ Гаваин Џонс.
– Итан ужива во секој момент во играњето шах, сметајќи го за ментален предизвик. Сметам дека пандемијата одигра огромна улога во неговиот развој, со тоа што неколкуте сесии на шаховски клубови на кои присуствуваше го разгореа неговиот интерес, а потоа условите одеднаш ги принудија сите да останат дома. Овој период му даде можност на Итан да истражува дури и подлабоко во неговата новооткриена страст и искрено можам да кажам дека тоа беше благодарение на видеата на „Чес“ и „Шаховско дете“ – вели неговиот татко Рејмонд.
Подемот на Панг е извонреден оти тој сега првпат ја проби бариерата од 2.200 рејтинг-поени и ја освои титулата КМ. Со девет години и три месеци, тој сега е најмладиот играч што некогаш имал рејтинг од најмалку 2.200, според истражувањето на „Чес“. Претходниот рекордер беше ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Аргентина, Фаустино Оро, кој неодамна стана најмладиот интернационален мајстор (ИМ), со 10 години, осум месеци и 16 дена.
„Чес“ пишува за неверојатната генерација талентирани шахисти родени во 2015 година, деца што учеле шах за време на пандемијата. Многумина од нив веќе победија ВМ во класични мечеви, како што е Србинот Леонид Ивановиќ, кој стана најмладиот, со осум години, 11 месеци и седум дена. Не долго потоа, тој рекорд беше соборен од Ашват Каушик од Сингапур (осум години, шест месеци и 11 дена), кој го победи ВМ Јацек Стопа (2.351). Друг значаен играч роден истата година е Роман Шогџиев, кој победи пет ВМ на Светското првенство (СП) во забрзан и во брз шах, минатиот декември, пишува „Чес“.
Не е првпат Панг да биде во центарот на вниманието. Во април, ЖФМ Ана Крамлинг објави забавно видео од неформалната игра со брзо темпо против Итан во Менорка, Шпанија. До денес, таа снимка достигна повеќе од 375.000 прегледи. Запрашан за идните цели, неговиот татко вели дека Итан се шегува дека ќе стане најмладиот ФМ во следните неколку месеци, додавајќи: „Немаме никакви очекувања за шаховски напредок на Итан. Нашиот главен приоритет е поддршка на неговата континуирана посветеност на играта. Сѐ додека тој останува ентузијаст во шахот, ние ќе бидеме тука да го поддржиме“.
За Панг, шаховскиот пат допрва почнува. Неговиот следен турнир е Првенството на Велика Британија, каде што ќе настапи со вајлд-карта. Г.И.