ПРОЕКТ „ШАХ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА“
За почеток, треба да сме задоволни од темпото на одвивање на обуката. Откако ќе се одлучат училиштата да имаат шах во своите класови, ШФМ ќе направи напори да им обезбеди таблети со сите потребни материјали, апликации и линкови, за нивните
часови да се одвиваат без тешкотии, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски
Од септември годинава шахот е на листата изборни предмети во основните училишта во Македонија за прво, второ, четврто и петто одделение. Учебната година веќе почна, а Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) почна со обуката на наставничкиот кадар по предметот Шах. Првата обука се одржа во Штип, потоа во Куманово, Скопје, а следни се во Битола, Неготино итн.
– Во Штип присуствуваа десет наставници и пет директори од основните училишта, кои покажаа голем интерес да научат како да им предаваат шах на децата во почетните одделенија. Сега се на потег родителите и децата да го одберат шахот како изборен предмет. Во Куманово и околината на обуката присуствуваа 33 наставници, кои се пријавија за проектот „Шах во школите“, а како и во Штип, предавач беше шахистот Емил Жежов. Шахистката Сања Трајковска ја отвори обуката со воведен говор, а на крајот јас одговарав на поставените прашања од наставниците, а ги запознав и со апликацијата за учење шах на деца, односно сите оние потребни материјали и линкови за часовите да се одвиваат без тешкотии. Понатаму, во Скопје, во општината Аеродром обуката ќе ја држиме јас и ИМ Марјан Митков, во Битола Саше Павловски, во Неготино ВМ Трајко Недев… – вели ФМ Зоран Стојчевски, член на УО на ШФМ.
Во Скопје обуката ја држеа шаховските тренери ИМ Орце Данчевски, ФМ Љубиша Андоновски, ИМ Митков, потпомогнати од Стојчевски.
– На часот по обука присуствуваа дваесетина наставници и наставнички и беше многу успешно. Се надевам дека успеавме да мотивираме поголем број од нив да почнат со овој проект во нивните училишта. Поентата на оваа обука всушност е да го запознаеме наставничкиот кадар дека овој проект не е да ги направиме сите деца шахисти, туку на секое дете да му дадеме една алатка за полесно решавање на проблемите што ќе му се испречат во животот, а притоа да има трпеливост, концентрација и добро да ги анализира околностите пред да го „повлече“ вистинскиот потег. А кога ќе почнат со настава, постојано ќе бидеме во комуникација и ќе ги решаваме проблемите веднаш, со одговорниот обучувач во тоа место каде што е училиштето. Од сите овие обуки што се предвидени низ цела Македонија, ако се почне со држење часови по шах во 30 училишта, за мене ќе претставува успех – вели искусниот професионален шаховски тренер Данчевски.
ШФМ е задоволна од тоа како почна да се одвива овој проект, како и од заинтересираноста.
– За почеток, треба да сме задоволни од темпото на одвивање на обуката. Откако ќе се одлучат училиштата да имаат шах во своите класови, Шаховската федерација на Македонија ќе направи напори да им обезбеди таблети со сите потребни материјали, апликации и линкови, за часовите да се одвиваат без тешкотии – рече Стојчевски.