Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повеќедецениската неажурност во енергетскиот сектор ни се враќа како бумеранг

На површина исплива децениската неажурност за инвестирање во енергетски капацитети, што ни се враќа како бумеранг, а тоа најдобро ќе го почувствуваат домаќинствата и особено стопанството, кое веќе се соочува со енормно високи сметки за струја, кои буквално ги ставаат стопанствениците во позиција да почнат да размислуваат за прекин на производството и затворање на фирмите. Како што стојат работите на терен, единствена реална опција во овој момент е зголемување на домашното производство на електрична енергија до максимум, како и заштеда на енергијата од страна на домаќинствата за поголем дел од домашната струја да се пренасочи на стопанството

Ескалацијата на воените дејства и најавата за делумна мобилизација на 300 илјади руски резервисти предизвикаа дополнителни турбуленции на енергетските пазари во Европа, влијаејќи на дополнително зголемување на цените на енергентите.

Македонија грчевито се обидува да обезбеди електрична енергија од соседството, но засега без успех. Преговорите со Бугарија запнаа уште на самиот старт, кога стана повеќе од јасно дека земјава нема да добие струја по прифатлива цена, односно, според објаснувањето на надлежните, ќе се причека додека Европската комисија донесе одлука за ограничување на цената на струјата на 180 евра за мегават-час и потоа она што евентуално ќе се обезбеди од Бугарија, да оди директно кај фирмите што се на отворен пазар и кои сега плаќаат многу повисока цена. Во меѓувреме, во неизвесност дали ќе се направи некаков договор со Бугарија, се прават обиди за обезбедување електрична енергија и гас од Турција.

Сето ова најдобро говори за комплексноста на ситуацијата во која се најде земјава по сите предупредувања на експертите во претходниот период. Сега исплива на површина децениската неажурност за инвестирање во енергетски капацитети, што ни се враќа како бумеранг, а тоа најдобро ќе го почувствува стопанството, кое веќе се соочува со енормно високи сметки за струја, кои буквално ги ставаат стопанствениците во позиција да размислуваат за прекин на производството и затворање на фирмите.

Четири-пет пати повисоките цени на електричната енергија убиствен финансиски удар и за државата

Податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека Македонија со 1,8 милион жители увезува дури една третина од потребната струја. Минатата година во земјава биле потрошени 7.906 гигават-часа струја, а биле произведени 5.285 гигават-часа.

Бројките покажуваат значителен пад од 22 отсто на домашното производство во изминатата деценија, односно од 6.744 GWh во 2010 година до 5.284 GWh во 2021 година.

Причини за намалувањето се лошото раководење, дефектите и прекините во работата на РЕК-Битола, намалувањето на ископувањето и послабиот квалитет на јаглен, приближување кон крајот на животниот век на термоелектроцентралите и несоодветните инвестиции.

Инаку, Македонија располага со неколку енергетски капацитети останати уште од поранешната држава. Прв и најголем капацитет е РЕК-Битола, која заедно со ТЕЦ-Осломеј лани произвеле 2078 GWh. Тие произведуваат струја од јаглен. Тука е и ТЕЦ-Неготино, која работи на мазут.
Единствен нов енергетски капацитет што е во приватна сопственост е „Те-То“, со 1.503 GWh.

Во хидроцентралите, и државни и приватни, се произведени 1454 Gwh. Ако на ова се придодаде и два отсто од струјата произведена од ветер и помалку од еден процент од сонце, тогаш станува повеќе од јасно дека вкупните бројки на произведена домашна електрична енергија и реалните потреби на домаќинствата и стопанството не се совпаѓаат, односно потребен е увоз меѓу 30 и 40 отсто. Со моменталните цени на електричната енергија на берзите, тоа ќе значи сериозен финансиски удар за државата.

Фото: Игор Бансколиев

Уште позагрижувачки е што компаниите што се на слободниот пазар нема да можат да го издржат товарот на галопирачките цени на енергентите. Тоа ќе се одрази врз нивниот производствен процес, а со тоа и на крајната цена на нивниот производ, што ги прави крајно неконкурентни во однос на земјите што навреме обезбедиле евтина електрична енергија и гас за своите економии.

Најцрното сценарио во овој момент е дека голем број македонски фирми ќе мораат да ги отпуштат работниците и да стават клуч на врата, бидејќи со десеткратно зголемени сметки за струја не можат да го покријат производството, а уште помалку платите на вработените.

Од тие причини, актуелните заложби на Владата да им се помогне на домаќинствата, без реална помош за стопанството, ќе ја повлечат целата спирала надолу, оти пропаднатите и осиромашени фирми нема да можат повеќе да го полнат државниот буџет, отпуштените работници ќе зависат од државната помош, така што се зголемува можноста државата да станува сè помалку солвентна, односно да не може да дојде до евтини кредити за да ги сервисира домашните потреби, како и надојдените обврски по основа на достасани рати од старите задолжувања. Тоа, буквално, ја носи земјата кон банкрот.

Како понатаму – можни решенија и чекори

Двата генерални стратегиски правца за излез од состојбата, кои се дополнуваат и испреплетуваат, се:
1. Зголемување на домашното производство на струја во полн капацитет.
2. Штедење и во индустријата и во домаќинствата.

Како што стојат работите на терен, единствена реална опција во овој момент е зголемување на домашното производство на електрична енергија до максимум, како и заштеда на енергијата од страна на домаќинствата, за поголем дел од домашната струја да се пренасочи на стопанството.
За да се остварат овие две потенцијално можни решенија, потребни се неколку предуслови на кои мора да се смета.

Прво, клучно прашање е како домашните капацитети ќе произведуваат електрична енергија со полн капацитет ако се знае дека надлежните во овие критични моменти започнуваат со ремонти на дел од постројките, па, така, Блокот 1 на РЕК-Битола во следните 30 дена ќе биде надвор од функција поради ремонт. Тоа значи дека овој капацитет нема да може да работи со полна пареа цел месец. Ремонти и поправки се прават и на некои од другите енергетски капацитети, па јавноста со право се прашува дали ова е вистинскиот момент за ремонти. Тоа значи дека РЕК-Битола цел месец нема да може да работи со полн капацитет, а и кога би проработела, прашање е дали сè ќе мине без дефекти, кои се премногу чести во последните години. А потребно е да се стават во функција сите три блока!

И ТЕЦ-Неготино не беше во функција повеќе години, па дискутабилна е неговата техничка кондиција и дали и овој капацитет ќе може да работи со полна сила без да се случи некаков курцшлус. Единствено „Те-То“, кој е најнов капацитет, може да одговори во целост на потребите на енергетскиот систем, со неговите 220 мегават-часа капацитет, чија реализација зависи исклучиво од тоа дали навреме ќе бидат обезбедени потребните количества гас.

Хидропотенцијалот е значително намален, а најголем проблем е неодговорното управување со водните ресурси. Имено, во екот на енергетска криза, надлежните го трошат хидропотенцијалот во ноќните часови за да произведуваат електрична енергија, која ја продаваат за евтина цена, неповратно губејќи огромни количества вода, кои би биле многу пополезни за дневно производство на струја за стопанството.
Ветерниците и фотоволтаичните централи ни оддалеку не можат да ги задоволат потребите на компаниите, особено ако се има предвид одбивањето на државата долги години да ја олесни процедурата за поставување фотоволтаици од страна на компаниите. Сега, само пред еден месец, започна постапката за олеснување на процедурите, така што веќе е доцна за оваа сезона.

Сите овие факти говорат само дека државата тешко ќе може да ги активира домашните капацитети со полна пареа за да му олесни на стопанството, а повеќе од неопходно е да го направи тоа. Потребно е државата да ги стави во функција сите свои капацитети и ресурси (финансиски, човечки, материјални) за да ги доведе во максимална или барем во субмаксимална кондиција домашните електрокапацитети во што пократок рок. Засега е повеќе од извесно дека околу 40 отсто од потребите ќе мораат да се задоволат со увезена скапа струја и тоа ќе падне врз плеќите на стопанствениците.
Во ситуацијата можат да помогнат и домаќинствата со одговорно и рационално трошење на електричната енергија, со овозможување од страна на државата во одредени часови граѓаните да користат и евтина струја. Таквата организација ќе овозможи и дел од заштедената струја да се пренасочи кон стопанството.

Има оптимизам, но има и скепса на експертите за можноста сами да
произведеме доволно електрична енергија

Познавачите на состојбите сметаат дека сега е веќе доцна за какви било долгорочни решенија во енергетиката, а притоа додаваат дека надлежните не ги следеле сигналите уште пред повеќе од половина година и не обезбедиле навреме поевтина електрична енергија, пред сè за стопанството. Според нив, домашните капацитети тешко ќе ги задоволат потребите дури и на домаќинствата, а не, пак, на компаниите.
– Сè зависи од количеството електрична енергија што ќе биде произведена во РЕК-Битола и во Осломеј, како и во ТЕЦ-Неготино. На текстилна фабрика ако ѝ испорачате електрична енергија што е пет-шест пати поскапа од она што била пред шест месеци или една година, сега таа ќе треба да плаќа шест пати поскап енергент и да излезе на пазар да го продава својот производ. Сега е период на зимници, па прашање е како ќе работи нашата прехранбена индустрија, кога и таа мора да потроши енергија. Никој не може да каже што ќе се случува. Хипотетички, може утре да го решат проблемот со Украина и да се смири топката. Тогаш пазарните услови ќе направат нешто друго. Единствено решение е прво да се смири украинската криза, а потоа да се најде решение меѓу главните играчи. Но, како и да е, суштината е развивање на домашното производство на електрична енергија – вели Димитар Хаџимишев, поранешен директор на скопска „Топлификација“.

Според него, Македонија се најде во ваква ситуација бидејќи повеќе од 30 години нема инвестирано во никаков енергетски капацитет.
– Последната наша електроцентрала во РЕК е пуштена во 1988 година. И од тој момент рудникот се експлоатира 100 отсто, без да потрошиме денар за набавка на суровина. Од тоа производство нормално е дека имавме профит, но таа добивка требаше да се реинвестира. Се направи Козјак, кој чинеше околу 150 милиони евра и кој е многу проблематична инвестиција, бидејќи беше скап, а произведува незначително количество електрична енергија. Чебрен и Галиште ги зборуваат 30 години и нема ништо од нив. Вака како што стојат работите сега, до Нова година можеби ќе издржиме, но потоа, екстремно тешко – констатира Хаџимишев.

Тој предупредува и на спиралата што ќе се направи ако не се најде решение за енергетската криза.
– Проблемот е што енергетската криза генерира економска криза, вие ќе немате куповна моќ и кога ќе се појави таков проблем кај вашите граѓани, вие испаѓате од игра и отпуштате вработени. Потоа следуваат социјални проблеми, а тоа е главната „тепачка“ на политичарите, кои без ништо да знаат, ќе треба да решаваат – заклучува Хаџимишев.

Слично размислува и универзитетскиот професор и експерт од областа на енергетиката Константин Димитров, кој вели дека иако се знаело дека немаме доволно капацитети за производство на домашна електрична енергија, ништо не се преземало.
– Проблемот е што ние знаеме подолго време дека не произведуваме доволно количество сопствена електрична енергија, ама ништо не преземаме. Не произведуваме ништо дополнително, а сето тоа го знаеме. Се гледа дека редовно увезуваме два – два и пол гигават-часа електрична енергија. Нагло се влоши состојбата, бидејќи за десет пати се покачи вредноста на тие два гигават-часа увезена струја. Сега паралелно имаме и финансиска криза и нема да имаме пари да купиме струја за да опстанеме. Некој ќе рече, ама, да, ние произведуваме за домаќинствата, а стопанството ќе оди на слободен пазар и ќе ги купува тие потребни гигават-часови и ќе ги плати. Што правиме ако стопанството не може да ги плати и ако ги затвори компаниите, тие што се таму вработени ќе излезат пред влада за социјална помош, но кој ќе им ја даде? Ако компаниите затворат, ќе нема пари и за буџетот, ако и буџетот отиде надолу, не се полни, утре државата нема да може да позајми пари ако не е солвентна. Суштината е дека паралелно мора да се мисли, и на домаќинствата и на стопанството. Тоа ја држи државата – потенцира Димитров.

Тој е скептичен дека Македонија може сама да произведе доволно електрична енергија со расположливите енергетски капацитети.
– Нема да можеме да произведеме доволно струја поради кондицијата на нашите термоцентрали. Жално е што хидроцентралите ги користат ноќно време, испуштаат огромно количество вода за производство на струја што на берзата се продава по пониска цена, наместо да ја чуваме таа електрична енергија. Таа треба да се зачува за ден, да се оди на дневно производство, па тој вишок да се понуди на домашниот пазар по пониска цена на нашето стопанство. Државата треба тоа количество електрична енергија да им го понуди макар на општините, тоа количество преку ЕВН ќе се распредели по пониска цена, а не да ја продава за 300 евра за некои профитери, кои потоа да ја продаваат за 500 или 600 евра, а непотребно Македонија да губи хидропотенцијал што може да го чува за прекуден да намали увоз на скапа струја. А кој увезува? Увезуваат трговците и им го продаваат на нашите во стопанство. Стопанството само осиромашува – заклучува професорот Димитров.

Економскиот аналитичар Горан Рафајловски категорично тврди дека сега е веќе доцна да се преземе што било за спас на ситуацијата во енергетиката и високите цени на електричната енергија.
– Не постои краткотрајно решение. Државата погреши што не купи струја во март, кога беше по 160-180 евра. Таа грешка е направена, сега треба повторно да се обидат да најдат струја по најниска можна цена. Ако успеат да го направат тоа, друго решение нема – вели Рафајловски.

Тој додава дека треба да се молиме трите блока на РЕК-Битола да работат без никакви испади и итно да се почне со круцијални инвестиции во енергетиката за да може земјата да биде помалку енергетски зависна во годините што следуваат.
– Сè друго е привремено решение, скапо решение и решение што не само што нема да донесе апсолутно ништо туку воопшто нема да им помогне на фирмите. Тие не се способни да платат ниту 400 евра за мегават-час електрична енергија, а не, пак, да плаќаат 800 евра и повеќе. Кризата е насекаде, особено во Европа. Ние со гас не сме решени за да можеме да ги префрлиме капацитетите на овој енергент, не сме решени со други системи, така што сега сме во ситуација буквално Господ да ни помогне – заклучува Рафајловски.

Неинвестирањето во енергетски капацитети се покажа како стратегиска грешка на државата

Повеќе од јасно е дека неинвестирањето во енергетски капацитети се покажа како стратегиска грешка на државата, која сѐ повеќе сфаќа дека е енергетски зависна и дека таа зависност може да биде погубна за нејзината економија.

Од тие причини, наместо вечните стратегии, кои секогаш остануваат само на хартија, време е да се започне со сериозни инвестиции и модернизација на енергетскиот сектор. Да се вклучи сета експертска јавност, да се искористат сите можни потенцијали со кои располага земјава за производство на електрична енергија, но и да се следат новите технологии за да се намали енергетската зависност.

Можеби во овој момент порационално би било наместо изградба на пруга кон Бугарија, која според анализите на познавачите на состојбите нема да има никаква економска исплатливост, парите да се пренасочат во изградба на повеќе гасни централи за производство и на електрична, но и на топлинска енергија. Потоа, да се почне со изградба на Чебрен, но не како странска инвестиција, бидејќи повторно заработката ќе се одлева настрана, туку како домашен капацитет што ќе произведува електрична енергија за домаќинствата и стопанството во земјава. Проценетата вредност од 800 милиони евра може да се покрие со дел од државниот буџет, а дел може да партиципираат и граѓаните со купување акции во овој капацитет. Понатаму, наместо да им се дава државно земјиште во источна Македонија на приватни компании да градат фотоволтаични централи, државата сама да ги гради, бидејќи повторно странците ги користат нашиот ветер и нашето сонце за да продаваат скапа електрична енергија на берзите.

На крајот, да се поработи и на наоѓалиштата на јаглен во земјава, кои и натаму ги има. Пелагонија, според некои процени, лежи на милијарди тони јаглен. Актуелната војна во Украина покажа дека економиите не можат да се потпрат на зелената енергија, па затоа повеќето држави се враќаат на термоцентралите на јаглен. Затоа и Македонија мора да го има јагленот како резервна опција, а не сега да го увезува од Грција и од Албанија по повисоки цени.

Ова се само мал дел од работите што треба веднаш да почнат да се реализираат ако сака Македонија во иднина да стане енергетски независна земја, во спротивно, ќе трпи стопанството, а со тоа ќе трпат граѓаните, а државата ќе тоне во сè поголема сиромаштија. Основната идеја на соговорниците што ја анализираа е да се спасат и индустријата и граѓаните, бидејќи ако запрат претпријатијата, и граѓаните нема да добиваат плата, па дури и граѓаните да добиваат повластена цена на струјата, не ќе можат и таа да ја платат. Тоа се сврзани садови. Притоа тие нагласуваат дека луѓето што ги избиравме да ја водат државата, мораат да го знаат ова за да обезбедат одржливост и на државата и на нацијата.Без енергетска независност, нема ниеден друг вид независност, во современиот свет!