Фото: ЕПА

АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Марко Одермат (Швајцарија) и втора сезона по ред е четирикратен освојувач на кристални глобуси во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Тој претходно ги обезбеди титулите во генерален пласман, велеслалом и во супервелеслалом, а по откажаниот спуст завчера во Сан Вели (САД) во финалето на сезоната го освои и трофејот во спуст.
Одермат сега има четири големи кристални глобуси за титула во генерален пласман во Светскиот куп (претходно победи во 2022, 2023 и во 2024 година) и девет мали кристални глобуси за триумфи по дисциплини во една сезона (вкупно има четири во велеслалом, три во супервелеслалом и две во спуст).
Сезонава во Светскиот куп за скијачи останаа уште трките во Сан Вели во супервелеслалом (синоќа), велеслалом (в среда) и во слалом (в четврток). За освојување остана само уште титулата во слалом, во која моментално води Хенрик Кристоферсен (Норвешка), кому за обезбедување на трофејот му требаат 54 бода. Н.М.