ТЕНИС
Линиските судии ќе ги нема на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, бидејќи клубот Ол Ингланд одлучи да примени електронски одлуки за линиите од 2025 година, пишува „Би-би-си“. Технологијата ќе биде поставена за сите натпревари, од квалификациите и од главната ждрепка, и ќе ги замени линиските судии. Австралија опен и САД опен веќе имаат електронски судии од 2021, односно од 2022 година, пишува „Би-би-си“.
– Одлуката да се воведат електронски одлуки во живо беше донесена по значителен период на разгледување и консултации. Откако ги разгледавме резултатите од тестирањата годинава, сметаме дека технологијата е доволно силна и вистинско време е да го направиме овој важен чекор во барањето за максимална прецизност во нашето судење. Многу сериозно ја сфаќаме нашата одговорност да ги балансираме традицијата и иновациите на Вимблдон. Линиските судии играа централна улога во нашата судиска поставеност на шампионатот многу децении и го препознаваме нивниот вреден придонес и им благодариме за нивната посветеност и услуга – рече извршниот директор на клубот Ол Ингланд, Сали Болтон, пренесе „Би-би-си“.
Ќе има значителна промена и во распоредот на последниот викенд, со тоа што финалистите во поединечна конкуренција за жени и за мажи повеќе нема да излегуваат на теренот во 15 часот. Од идната година финалињата во поединечна конкуренција ќе почнуваат во 17 часот, машките двојки во 14 ч. во саботите, а двојките за дамите во 14 часот во неделите, пишува „Би-би-си“. Н.М.