Емил Ристески

Ристески, кој има една норма за интернационален мајстор, го подели поенот со велемајсторот (ВМ) Моисенко, рангиран 2.192 места повисоко. Од четирите досегашни противници на ЕП 2022, тој играше со тројца ВМ и ова е негово второ големо реми, по тоа со ВМ Ховханисјан во првото коло

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Младиот репрезентативец, член на Гамбит Асеко СЕЕ и ФИДЕ-мајстор (ФМ), Емил Ристески (2.347 рејтинг-поени), оствари ново големо реми на Европското првенство (ЕП) во Брежице, Словенија, откако во четвртото коло го подели поенот (по 51. потег) со украинскиот ВМ Александар Моисенко (рејтинг 2.602). На ЕП 2022 играат 317 шахисти (114 велемајстори) од 40 држави. Во возбудлива партија, Моисенко (207. шахист во светот), како „бел“ во средишницата за иницијатива жртвуваше топ за коњ, но Ристески (2.399-ти играч во светот) одлично се бранеше.
По овој меч, Ристески има плус 13,6 рејтинг-поени и игра со силина на шахист од 2.513 рејтинг-поени. Од четирите досегашни противници на ЕП 2022, тој играше со дури тројца ВМ и ова е негово второ големо реми, по поделбата на поенот со ВМ од Ерменија, Роберт Ховханисјан (2.643, рангиран на 19-то место пред почетокот на ЕП) во првото коло. Ристески има една норма за титулата интернационален мајстор (ИМ), исполнета во Аранѓеловац, во декември лани, а на ЕП игра за исполнување на втората, за која ќе му биде потребен одреден играчки перформанс.
Во ова коло загубија ВМ Кирил Георгиев, (рејтинг 2.564, прв пораз на ЕП 2022) од украинскиот ВМ Јуриј Кузубов (2.639), Филип Михов (2.255), од израелскиот ФМ Јанаи Бен (2.417), Антон Златков (2.081), од израелскиот ИМ Ејтан Розен (2.398), ФМ Роберт Велески (2.136), од ирскиот ФМ Том О’Горман (2.357), и Хедон Мифтари (1.987), од францускиот ФМ Доријан Далу (2.293).
По ова коло од вкупно предвидените 11 на ЕП 2022, Георгиев има 2,5 поена (делба на 61.-130. место), Ристески два, Михов и Златков по 1,5, а Велески и Мифтари по еден. Со четири поени води ВМ од Исланд, Гудмундур Кјартансон (2.450, рангиран на 133-то место пред почетокот на ЕП). На ЕП 2022 играат 317 шахисти (114 велемајстори) од 40 држави.