Фото: ЕПА

Поради трагедијата што се случи во Кочани во која настрадаа многу млади луѓе, македонските спортски федерации упатија сочувство и ги одложија сите вчерашни натпревари во сите категории

ОДЛОЖЕНИ СЕ СИТЕ СПОРТСКИ НАТПРЕВАРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Сите спортски натпревари во Македонија вчера беа откажани поради трагедијата што се случи во Кочани, во која настрадаа многу млади луѓе. Македонските спортски федерации упатија сочувство и ги одложија сите спортските настани предвидени за вчера.
– Фудбалската федерација на Македонија ги одложи сите натпревари, во сите конкуренции. Длабоко сме потресени од трагичната несреќа во Кочани, во која настрадаа многу млади луѓе. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата и со блиските на настраданите. Изразуваме најискрено сочувство и поддршка. Фудбалската федерација на Македонија ги одложува денешните натпревари во сите конкуренции и дополнително ќе биде одреден датумот за одигрување на одложените мечеви – напишаа од куќата на фудбалот.
Одложени беа сите натпревари во младинските и во сениорските лиги и во кошарка.
– Длабоко сме потресени од трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија десетици млади луѓе. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата и блиските на настраданите. Изразуваме најискрено сочувство и поддршка. Поради големата трагедија во Кочани, сите натпревари во сениорските и во младинските лиги закажани за денес, 16 март 2025 година, се одложуваат – објави Кошаркарската федерација на Македонија.
Ракометната федерација на Македонија по големата трагедија во Кочани, исто така, ги одложи сите натпревари, во сите категории.

– Во овие тешки моменти нашите мисли и молитви се со семејствата и настраданите во трагедијата. Упатуваме искрено сочувство. Со почит, Ракометна федерација на Македонија – напиша Ракометната федерација на Македонија.
Вчера не се одржаа натпревари и во одбојка.
– Одбојкарската федерација на Македонија длабоко сочувствува со семејствата и со настраданите во големата трагедија во Кочани. Нашите мисли и молитви се со нив во овие тешки моменти. Одбојкарската федерација на Македонија ги одложува денешните натпревари во сите категории. Искрено сочувство – објави Одбојкарската федерација на Македонија.
Сочувство изразија и македонските спортски федерации во поединечни спортови.
– Утрово, градот Кочани беше погоден од голема трагедија, во која животите ги загубија повеќе од 50 лица. Овој трагичен настан предизвика длабока болка и тага низ целата земја. Во овие тешки моменти, изразуваме искрено сочувство до семејствата и најблиските на загинатите – објави Карате-федерацијата на Македонија.
– Џудо федерацијата на Македонија упатува најискрено сочувство до семејствата на загинатите во трагичната несреќа, која рано утринава се случи во Кочани. На повредените им посакуваме брзо заздравување – објави Џудо-федерацијата на Македонија.
– Шаховската федерација на Македонија со длабоко жалење изразува сочувство до семејствата на настраданите и желба за побрзо закрепнување и оздравување на повредените од трагичниот настан во Кочани, каде што 59 млади луѓе го загубија животот и над 150 се повредени. Апелираме до сите клубови да ги откажат планираните шаховски турнири и натпреварувања во согласност со прогласената седумдневна жалост во земјата – објави Шаховската федерација на Македонија.


Една минута молк на натпреварот Словенија – Македонија

– Ракометната федерација на Македонија стапи во контакт со официјални лица од Европската ракометна федерација и побара одложување на натпреварот помеѓу националните сениорски селекции на Словенија и Македонија, но истото тоа не беше одобрено. Натпреварот ќе почне со една минута молк – објави вчера Ракометната федерација на Македонија, за натпреварот од квалификациите за пласман на Европското првенство в година, во Копер (Словенија). Н.М.