Македонската параолимпијка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова постигна огромен успех на Светското првенство (СП) во Ал Аин (Обединети Арапски Емирати), освојувајќи го златниот медал во дисциплината П4-пиштол слободен избор на 50 метри. Со овој резултат таа обезбеди и настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз во 2024 година.

Во квалификациите, во кои настапија 28 натпреварувач(к)и од 17 држави, Наковска-Бикова го освои второто место со погодени 538 круга, додека најдобар резултат имаше Кјун Парк од Кореја (547). А во големото финале во кое се пласираа најдобрите осум од квалификациите, Оливера постигна најдобар резултат погодувајќи 216,5 круга. Второто место му припадна на Украинецот Олексиј Денисјук (193,5).

Наковска-Бикова досега настапи на седум СП, а претходно освои три сребра и една бронза во поединечна, и по едно сребро и бронза во екипна конкуренција.

На СП 2022 настапуваат 267 натпреварувачи од 54 држави од сите континенти, во 27 спортски дисциплини. На СП 2022 од Македонија настапија и Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски, но не стигнаа до можност да се борат за медал. Г.И.