ЏУДО – ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ЗА ПИОНЕРИ И ЗА КАДЕТИ
На првенството на Македонија за помлади пионери и за кадети за 2023 година, кое се одржа во Скопје, настапија околу 160 џудисти/ки од 15 клуба. Џудистите на Сеишин од Прилеп освоија 17 медали (седум златни, четири сребрени и шест бронзени). Во пионерска конкуренција злато освоија Мила Здравеска (категорија до 48 кг), Софија Ѓорѓиеска (до 24 кг), Јана Ангелески (до 28 кг) и Ратко Ацески (над 60 кг), а во кадетска конкуренција, Јован Стојановски (до 50 кг), Никола Магдески (до 66 кг) и Сеадин Ристемоски (до 90 кг).
Миоки од Скопје се закити со 13 медали (шест златни, три сребрени и четири бронзени). Кај помладите пионери златниот медал го освоија Емилија Паскоска (до 40 кг), Ерик Крстев (до 46 кг) и Виктор Трчков (до 60 кг), а кај кадетите, Ива Богдановска (до 57 кг), Азра Заими (до 52 кг) и Георгина Блажеска (до 44 кг).
Работнички од Скопје освои 19 медали (пет златни и по седум сребрени и бронзени). Кај јуниорите првото место го освоија Мелани Митревска и Анабела Данилова, а кај кадетите, Јасин Алили, Аган Мурати и Мердиан Мурати.
Струшкиот клуб Дрим освои 17 медали (четири златни, два сребрени и 11 бронзени), кај помладите пионери злато освоија Давид Спироски (до 38 кг), Катерина Клењоска (до 32 кг), Мишела Јаулевска (до 48 кг), а кај кадетите Анамарија Стојмиловска (до 48 кг). Г.И.