Фото: ЕПА

Меси погоди во четвртата минута од дополнителното време, за победа во првото коло на Лига-купот за Интер, кој е на дното на табелата во МЛС без победа во 11 натпревари, пишува „Би-би-си“

ПО ДЕБИТО ЗА ИНТЕР МАЈАМИ СО ГОЛ ЗА ТРИУМФ

Фудбалската ѕвезда на Аргентина, Лионел Меси, постигна прекрасен гол од слободен удар на своето деби за Интер Мајами, за победа со 2-1 против мексиканскиот Круз Азул, во Лига-купот на САД. Меси погоди во четвртата минута од дополнителното време.
– Сакавме да почнеме вака со тоа што ќе им дадеме победа на овие луѓе. Знаевме дека е многу важно за нас победнички да го почнеме ова натпреварување. За среќа, успеавме да го направиме тоа на крајот, и јас сум многу среќен – изјави Меси, пренесе „Би-би-си“.
Седумкратниот освојувач на „златната топка“ првпат тренираше со своите соиграчи во вторникот, откако се пресели во фудбалската лига на САД (МЛС) по завршувањето на договорот со Пари сен Жермен. Ова беше првпат тој да настапи за неевропски клуб, но му се придружи познато лице бидејќи тој и поранешниот соиграч од Барселона, Серхио Бускетс, влегоа во игра како дел од тројната замена во 54. минута. Шпанскиот дефанзивец Жорди Алба, исто така, се префрли од Барселона и ќе може да игра за Интер Мајами против Атланта јунајтед во Лига-купот утре. Натпреварите во Купот помеѓу екипите во МЛС и мексиканската лига означуваат нов почеток за Интер Мајами, кој е на дното на табелата во МЛС без победа во 11 натпревари, пишува „Би-би-си“.
– Огромна е радоста да се дојде до оваа прва победа по она што го направивме во лигата. Важно е да почнеме да победуваме, освен тоа што е уште едно првенство, за самодовербата е многу добро да се дојде до победи – рече Меси.
Поранешниот капитен на Англија, Дејвид Бекам, кој е косопственик на Интер Мајами, го гледаше дебито на Меси, а победата доаѓа по 16 години од денот кога тој го имаше своето деби во МЛС, за Лос Анџелес галакси.
– Да бидам искрен, штом го видов слободниот удар, помислив дека ова е начинот на кој треба да заврши мечот. Особено кога имате играчи како Лео и Серхио на теренот, тоа е она што тие го произведуваат. Вечерва е толку возбудливо за нашите навивачи. Сите овие луѓе дојдоа овде да го видат Лео само како стапнува на теренот, а камоли да го направи она што го направи. Тоа е остварување на сонот за сите на овој стадион. Тоа е таков момент за оваа земја, таков момент за оваа лига – рече Бекам, пренесе „Би-би-си“. Н.М.