На Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг (4-20 февруари), Македонија ќе има тројца претставници, Ана Цветановска и Ставре Јада во нордиско и Дардан Дехари во алпско скијање
Ана Цветановска и Ставре Јада во нордиско и Дардан Дехари во алпско скијање, предводени од тренерите Борче Јованоски и Антонио Ристевски и од спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски, ќе ја претставуваат Македонија на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг (4-20 февруари). По тој повод, вчера во МОК, пред утрешното заминување за Пекинг, на прес-конференција беа претставени македонските олимпијци, кои говореа за очекувањата од настапите на големиот спортски настан.
За нордиецот Ставре Јада (23) ова ќе бидат втори ЗОИ, по Пјонгчанг 2018-та. Тој ќе настапи во две дисциплини, во спринт слободен стил, на 1,5 км и во маратонот на 50 км слободно. Јада е студент е на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Член е на клубот Скии-Рис од Скопје.
– Добро сум подготвен, очекувам подобри трки и пласмани отколку на минатите Игри во Пјонгчанг, посебно во спринтот. На маратонот на 50 км целта ми е да ја завршам трката, како прв македонски олимпиец, и со што помало доцнење зад најдобрите, од околу триесетина минути – вели Јада.
Ана Цветановска (21) е членка на Скии-Рис од Скопје и со скијање се занимава од 2016 година. За неа ова е деби-настап на ЗОИ и ќе го носи македонското знаме на свеченото отворање на Игрите на 4 февруари. Таа ќе настапи на две трки, на 7,5 км скијатлон и на 10 км класичен стил.
– Во скијатлонот очекувам подобри времиња отколку во класичната трка бидејќи имам многу повеќе настапи. Посакувам и што помали разлики зад медалистите. Пресреќна сум и што ќе ја имам честа да бидам знаменосец на отворањето – потенцира Цветановска.
Тренерот на Јада и на Цветановска, Борче Јованоски, вели дека настап на ЗОИ е врв во кариерата за кој било спортист и спортски работник.
– Очекувам да се претставиме во најдобро можно светло и да оствариме што е можно подобри резултати. Успешен настап за македонските нордијци во Пекинг ќе биде доколку не заостанат повеќе од 15 отсто од времињата на првопласираните – вели Јованоски.
Во алпска конкуренција, Македонија во Пекинг ќе има само еден претставник, Дардан Дехари (31), член на клубот Шкендија од Тетово. Тој за првпат ќе настапи на ЗОИ и ќе го носи македонското знаме (со Ана Цветановска) на свечената церемонија на отворањето. Во улога на тренер ќе биде Антонио Ристевски.
– Олимписките игри се најголем спортски настан и настапот таму ќе биде голем предизвик за мене. Со оглед на силната конкуренција самото учество е успех за мене, но тоа не значи дека таму одиме на екскурзија туку да се натпреваруваме. Ќе дадам сѐ од себе да забележам што подобар пласман. Реално би требало да бидам меѓу првите 50 скијачи, но со малку среќа можен е и подобар пласман. Чест ми и горд сум што ќе го носам знамето, тоа е голема почит спрема мене, односно моите спортски достигнувања – вели Дехари.
На Ристевски, ЗОИ во Пекинг ќе му бидат четврти, први во улога на тренер. Претходно на три, во Ванкувер 2010, Сочи 2014 и во Пјонгчанг 2018-та, тој беше активен натпреварувач.
– Поинакво е чувството, сега сум порелаксиран, го нема притисокот што го носат натпреварите. Тренер сум веќе две години, а во поглед на подготовките на Дехари, кои ги почнавме уште лани во јуни, сѐ мина во најдобар ред, на некој начин и над очекувањата. Што се однесува до трките на Дардан, подобар пласман можеме да очекуваме во слалом, која му е подобрата дисциплина, отколку во велеслаломот – нагласува Ристевски.
РАСПОРЕД НА НАСТАПИТЕ
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ДИСЦИПЛИНА ДАТУМ
Ана Цветановска 7,5 км слободно 5 февруари
Ставре Јада 1,5 км спринт 8 февруари
Ана Цветановска 7,5 км скијатлон и 10 км класично 10 февруари
Дардан Дехари слалом 13 февруари
Дардан Дехари велеслалом 16 февруари
Ставре Јада 50 км слободно 19 февруари