Фото: Емил Јовановиќ

Карлсен досега седум пати бил светски првак во брз шах и по пет пати во забрзан и во класичен шах. Тој и на овој Мундијал, како и на СП 2022, ги освои двете титули, во забрзан и во брз шах. Титулите на СП 2023 за шахистки ги освоија Гунина во брз шах (за неа втора светска титула) и Боднарук во забрзан шах

Светското првенство (СП) во брз шах за 2023 година имаше возбудлива кулминација, при што Магнус Карлсен ја освои својата седма светска титула во брз шах, што е неговата 17-та светска круна, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ) на својата интернет-страница, по Мундијалот што се играше на 29 и на 30 декември во Узбекистан. На турнирот за шахистки, Валентина Гунина беше незапирлива и ја освои својата втора титула во брз шах. Таа победи и на СП во 2012 година.
На СП 2023 во брз шах (се играше со темпо на размислување од три минути плус две секунди по секој потег), Карлсен освои 16 поени во 21 натпревар. Второто место го освои Данил Дубов, со само половина поен помалку од Карлсен. Владислав Артемиев, кој водеше по првиот ден и водеше во поголемиот дел од вториот ден на СП во брз шах, е трет со 15 поени, пишува ФИДЕ.
Гунина доминираше на СП за шахистки, освојувајќи 14 поени од 17 натпревари. Поранешната светска шампионка Александра Костенјук го освои второто место со 13,5 поени, а трета е Жу Јинер со 12,5.

– Искрено, само се чувствувам многу уморен во моментов – рече Карлсен, додавајќи дека „чувството на среќа ќе дојде подоцна“, а Гунина, која не можеше да ги задржи емоциите по победата во последното коло на СП 2023, се согласи со Карлсен, пренесува ФИДЕ.
Овој триумф означува т.н. дабл-дабл за Карлсен, отсликувајќи го неговиот подвиг во претходното издание на СП во 2022 година во Казахстан, каде што, исто така, забележа победи во двете категории, во забрзан (се игра со време за размислување од 15 минути плус 10 секунди) и во брз шах.
– Многу сум задоволен од настапот и особено од резултатите – рече Карлсен, кој неколку дена претходно рекорден петти пат победи на СП во забрзан шах.
Карлсен досега седум пати бил светски првак во брз шах (2009, 2014, 2017, 2018, 2019, 2022 и во 2023 година) и по пет пати во забрзан (2014, 2015, 2019, 2022 и во 2023 година) и во класичен шах (2013, 2014, 2016, 2018 и во 2021 година).
СП 2023 во брз и во забрзан шах имаше награден фонд од еден милион долари, пишува ФИДЕ. Н.М.


СВЕТСКИТЕ ТИТУЛИ НА МАГНУС КАРЛСЕН

КАТЕГОРИЈА ТИТУЛИ ГОДИНИ
класичен шах 5 2013, 2014, 2016, 2018, 2021
забрзан шах 5 2014, 2015, 2019, 2022, 2023
брз шах 7 2009, 2014, 2017, 2018, 2019, 2022, 2023