Рифат Хисарчиклиоглу, претседател на Унијата на комори и стоковни берзи на Турција, е долгогодишен пријател и голем поддржувач на Стопанската комора. Предновогодишно со него поразговаравме за економската ситуација во регионот, соработката меѓу Македонија и Турција, поддршката што турските компании ја добиваат од Владата, но и за очекувањата и желбите во новата година

Што е АБК?

АБК е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот Регион (членки и нечленки на Европската Унија), кое во 2024 година одбележува 30 години од своето постоење. Целта на асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот.
Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешнотрговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на комори и стоковни берзи на Турција и Стопанската комора на Косово.

Како претседател на најголемата комора во регионот, која ја претставува и најголемата економија во регионот – Турција, и е дел од Асоцијацијата на балканските комори, како ја оценувате моменталната економска ситуација во регионот и кои се вашите очекувања за следната 2024 година?

Хисарчиклиоглу: По забавувањето во 2023 г., во 2024 г. очекуваме економскиот раст на Балканот умерено да забрза на три проценти во услови на непрекинато закрепнување на Европската Унија, која е главниот трговски партнер на регионот, и на пониска инфлација, што ќе ги потпомогне расположливите приходи на домаќинствата и ќе ја поддржи потрошувачката. И покрај неколкуте потреси, Балканот успеа да порасне, да создаде работни места и да ја намали сиромаштијата, што укажува на силните економски основи на регионот. Закрепнувањето и враќањето на претпандемиското ниво напредуваат со различно темпо кај секоја земја.
Растот на Црна Гора и Албанија во 2023 г. беше посилен од очекувањата, благодарение на успешната туристичка сезона, меѓу другото. Растот на Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и на Србија во 2024 г. би требало да забрза, поткрепен од растот на потрошувачката и инвестициите.

Со какви проблеми се соочуваат компаниите во Турција?
Хисарчиклиоглу: Макроекономската рамнотежа претрпи значителна штета од експанзивните политики што се применија по пандемијата. Иако експанзивната монетарна политика го одржа домашниот раст, поттикнат од побарувачката, на високо ниво, таа доведе до инфлација, доларизација, висок дефицит на тековната сметка и притисок од девизниот курс. Во последните две години, високата инфлација драстично ја искриви распределбата на приходот и богатството. Се влошија инфлациската динамика и однесувањето на цените. Поради тоа, воведувањето силна програма за стабилизација во 2023 г. стана неопходно. Други предизвици со кои се соочуваат турските компании се затегнатите услови за финансирање, растечките каматни стапки, недостигот од стручен кадар, нарушувања на синџирот на снабдување и запирањето на извозниот раст поради рецесијата што се појави во Европа, нашиот најголем извозен пазар.

Дали компаниите добиваат некаква поддршка од Владата?
Хисарчиклиоглу: Достапна е готовинска и безготовинска поддршка, и на секторска и на регионална основа. Опфаќајќи ги и т.н. „гринфилд“ и „браунфилд“ проекти, турската влада нуди сеопфатна програма за стимулирање инвестиции, која вклучува широк дијапазон инструменти што помага да се намали товарот на првичните трошоци и да се забрза повратот на инвестициите. Ваквите стимулации може и да се скројат по мера на проектите во приоритетните сектори што се сметаат за клучни области за трансфер на технологија и економски развој. Дополнително, турската влада нуди повеќе програми за поддршка на истражување и развој и иновациски проекти, иницијативи за обука на кадарот и на извозници преку разни грантови, стимулации и заеми. Турција е поделена на шест региони според нивото на индустријализација. Регионот 1 е составен од најразвиените градови, а во регионот 6 се најмалку развиените градови. Целта на ваквата перспектива е да придонесе за развој на понеразвиените региони преку охрабрување на инвестиции. Стапката на стимулативни механизми се зголемува постепено од регионот 1 до регионот 6. Главните механизми за поддршка се: изземање од плаќање данок, изземање од царини, намалување на корпоративниот данок, поддршка за плаќање камати (Владата покрива одреден дел од каматите што се плаќаат за добиените заеми), поддршка за енергетските трошоци (инвеститорот добива делумен попуст на трошоците за електрична енергија) и гаранции за јавни набавки (за производите што ќе се изработат во рамките на инвестицијата). Се нудат повисоки стимулации за инвестиции во понеразвиени региони (меѓу кои и „Стимулации за приоритетни инвестиции“, што нуди стимулации за производство на среднотехнолошки и високотехнолошки производи без разлика на регионот каде што се инвестира). Високи стимулации за области со силен увоз. Дополнително, локалните развојни агенции нудат грантова поддршка во одредени инвестициски области со цел да се засилат регионалниот развој и конкурентноста.

Гледате ли простор за зголемување на соработката меѓу Турција и Македонија?
Хисарчиклиоглу: Билатералната економска соработка меѓу Турција и Македонија значително порасна во последните години. Турција е седмиот најголем трговски партнер на Македонија според обемот на надворешна трговија. Билатералната трговија достигна една милијарда долари, а возможен е и уште поголем раст. Очекуваме ажурирањето на нашата спогодба за слободна трговија да се заврши што поскоро со цел да ја издигнеме билатералната трговија на повисоко ниво. Исто така, Македонија е важен партнер на полето на инвестициите. Соработуваме во многу сектори, од трговија до индустрија, од енергетика до транспорт, од здравство до земјоделство, од образование до МСП. Над 1.300 турски компании работат низ разни сектори во Македонија, со висина на инвестициите од 1,2 милијарда долари. Турските деловни субјекти се активни во многу сектори, а градежништвото, енергетиката, текстилната индустрија, туризмот и прехранбениот сектор се особено примамливи за турските инвеститори. Соработката со Македонија се проширува во континуитет, особено преку придонесот на инвестициите од нашите компании за обновлива енергија и инфраструктурните проекти што ги спроведуваат нашите изведувачи. На овој начин, со задоволство го поддржуваме развојот на инфраструктурата и придонесуваме за зајакнувањето на македонската економија. ТОББ поздравува и охрабрува секаков вид партнерство, економска соработка и заеднички инвестиции со Македонија.