Кугларите ја совладаа Данска и се трети во групата

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Македонските кугларски репрезентации не се пласираа во четврт-финалето на 10. Светско првенство (СП) во хрватскиот град Вараждин. Женската подмладена селекција, во групата Б загуби од Германија, Австрија и од Франција и е на последното четврто место, а прва е Австрија, пред Германија. Машката селекција, пак, забележа два пораза, од Чешка и од светскиот првак Србија, и една победа против Данска со максимални 8-0 (3.694-3.372 според бројот на соборени кегли).
На дуелот со Данска цел поен освоија Сашо Трпковски (593 соборени кегли), Младен Донковски (653), Урош Стоклас (637), Борис Бенедик (625), Дарко Димитровски (597) и Душко Ајдин/Димитар Димитровски (589). Во оваа група Б, Србија, која во третото коло ја победи Чешка со 7-1, е прва со шест бода, пред Чешка со четири, Македонија има два, а Данска е без бодови.
Засега одлично играат и македонските куглари што ги бранат боите на Хрватска, Бојан Влакевски и Бранко Манев. Влакевски има три победи од исто толку настапи, Манев две победи од два настапа, додека Хрватска е прва во групата Д со максимални шест бода. Титулите од СП 2021 во Полска ги бранат кугларите на Србија и кугларките на Германија. Македонските куглари најдобриот пласман на СП го остварија во 2013 година во Унгарија, кога го освоија историскиот сребрен медал, загубувајќи во финалето од Унгарија.
Четвртфинални двојки, мажи (денеска): Хрватска – Чешка, Австрија – Унгарија, Србија – Романија и Германија – Словенија. Четвртфинални двојки, жени (вчера): Унгарија – Германија, Хрватска – Чешка, Австрија – Србија и Словенија – Романија. Г.И.