Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кога институциите доследно си ја вршат работата, во рамките на правните прописи, односно законската регулатива, владеењето на правото на сите нивоа ефикасно се спротивставува против нелегалните и полулегалните чекори на агитации и пропаганда насочени кон асимилација на македонското малцинство во Албанија. Ова е главната поента на размислувањата на лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, како и на претседателот на македонското друштво „Илинден“, Никола Ѓурѓај, кои живеат, работат и дејствуваат во Албанија

Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција и претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Албанија алармираат за провокациите од Софија

Бугарија ја продолжува асимилаторската политика меѓу припадниците на македонското малцинство во соседните земји. Сега, во центарот на асимилаторската кампања е инсталирањето бугарски клубови, кои ќе бидат логистика преку која ќе се спроведува хегемонистичката пропаганда. Во тој контекст, особено силна бугарска агитација е забележлива во последните неколку години меѓу македонското малцинство во соседна Албанија, каде што преку отворање бугарски клубови се сака да се создаде поширока перцепција дека таму живее бугарско малцинство наместо македонско.

Како мина обидот за отворање бугарски клуб во Пустец

Она што ја направи главната разлика на Албанија да не ѝ се повтори идентичното сценарио со отворањето на таканаречените бугарски културни клубови, како што беше случајот во Македонија, е навремената институционална реакција. Кога институциите си ја работат работата како што треба, тогаш нема никаков простор за инсталирање странски пропагандни центри, кои потоа ќе ја подриваат државата однатре

Последен таков обид за отворање бугарски клуб во Пустец имаше на 24 мај, на Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, со што на уште еден начин се потврди дека намерата на официјална Софија е да провоцира и да чека некаква реакција од македонска страна, за да може потоа да ја обвинува Македонија за непријателство.
Но кога институциите си ја вршат својата работа, тие не дозволуваат да се отвораат клубови ако претходно не бидат регулирани сите законски обврски, па така, локалната власт на Пустец не дозволи да се отвори бугарски културен клуб затоа што нема издадено дозвола за такво нешто.
– Нема дозвола од надлежните албански институции за отворање бугарски културен центар. Ова го прават со цел да им се даде публицитет. Повеќе од очигледно е дека е провокација кон Македонија – вели градоначалникот Пали Колефски.
Тој додава дека за оваа најава се запознаени и надлежните служби во округот Корча, каде што територијално припаѓа општината Пустец.
Лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, како и претседателот на македонското друштво „Илинден“, Никола Ѓурѓај, се согласуваат дека намерата да се отвори бугарски културен клуб во Пустец е исклучиво со цел да се провоцира Македонија, притоа обајцата потсетуваат дека веќе подолг период „искажуваат загриженост од напорите на Бугарија за асимилација на Македонците, не само во Мала Преспа туку и во Гора и Голо Брдо“.
Со свој став околу постоењето на наводно бугарско малцинство во Преспа деновиве излезе и албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши, кој при престојот во Пустец јасно кажа дека без разлика на одредени странски влијанија, во Преспа живеат Македонци!
– Во Преспа живеат Македонци, со македонски јазик, идентитет, култура, традиции. Без разлика на некои странски влијанија за нас тука живеат Македонци. Тие се една заедница што е додадена вредност во мозаикот на културните, историските, етнографските и јазичните вредности на нашите простори – рече Пелеши.

Ако постои владеење на правото, тоа мора да биде на сите нивоа

Она што ја направи главната разлика на Албанија да не ѝ се повтори идентичното сценарио со отворањето на таканаречените бугарски културни, клубови како што беше случајот во Македонија, е навремената институционална реакција. Кога институциите си ја работат работата како што треба, тогаш нема никаков простор за инсталирање странски пропагандни центри, кои потоа ќе ја подриваат државата однатре.
Во земјава потфрлија институциите, дозволија да се формираат здруженија и да се отворат клубови што отворено го ширеа говорот на омраза и го поттикнуваа непријателството меѓу бугарскиот и македонскиот народ, со единствена цел Македонија да остане што подалеку од ЕУ и на тој начин да стане лесен плен за бугарските хегемонистички апетити.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски во повеќе наврати ја нагласи потребата од институционален одговор од најниското до највисокото ниво, за да не ни се случува ова што ни се случуваше во изминатиот период, да гаснеме пожар откако тој ќе се разгори поради наши пропусти.
– Уште тие на шалтерот на Централниот регистар во Охрид, поточно референтот, требало да ги пролистаат програмата, статутот и името и да не извршат упис на тие здруженија со контроверзни имиња – посочи професорот Давитковски, кој додава дека институциите се тие што треба да спречуваат секакви обиди за провокација.
Став и на другите соговорници е дека преку примерот во Пустец, Македонија треба да научи дека институциите се тука да ги штитат и да ги спроведуваат законите, а не да дозволуваат самоволие, како што го манифестираа тоа бугарските здруженија во Македонија. Некои од нив вината за нефункционалните институции ја гледаат во големата партизираност.
– Нашите институции не функционираат, туку во функција се само партиските наредби. Ја губиме формата на држава и како да се заразивме со вирусот на анархија. Недозволиво е работите да се случуваат во согласност со партиските потреби – истакнува политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, коментирајќи зошто нашите институции потфрлија при отворањето на бугарските клубови во земјава, а во Албанија се реагираше навремено.